Судскиот совет до Шилегов: Престанете со заканите за целата судска фела

Судскиот совет до Шилегов: Престанете со заканите за целата судска фела
Судскиот совет до Шилегов: Престанете со заканите за целата судска фела
За тие што не го научиле четивото за последниве три дена, прво Судскиот совет на Република Македонија, согласно член 39 став 9 од Законот за судовите, помеѓу другото, делегира судии од еден во друг суд и во својата одлука нема право да се впушта во кој оддел делегираниот судија ќе работи и второ, Судскиот совет на Република Македонија уште од 20.5.2015 година нема надлежност за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност за судија“.

Ова е пораката што вчера стигна од претседателот на Судскиот совет, Зоран Kараџовски, како реакција на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, кој последните три дена најавува кривични пријави и бара смена на судијката Александра Поп Стефанија од Одделението за организиран криминал, но и на постојаните притисоци и идеи за тоа како да работат судовите, пишува Дневник.

Имено Поп Стефанија е судијката што го прогласи Специјалното обвинителството на Kатица Јанева за ненадлежно во случајот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето опрема за прислушување, а каде обвинети се и началници од УБK, односно побара доказ дека делото произлегува или е поврзано со незаконски снимените материјали. СЈО одби да презентира таков доказ.

– За жал во Република Македонија дневните партиски препукувања се повеќе и се погласно се прекршуваат преку грбот на судиите и генерално судскиот систем. Судската одлука по својата природа може да предизвика незадоволство кај една страна. Но, не е исправно користејќи ги судските одлуки да се даваат предлози кои прозвучуваат како јавно искажана закана и сеење страв за целата фела, се вели во соопштението на Kараџовски.

Тој порачува дека сите што располагаат со релевантни докази за незаконско работење на судија тоа да го пријават во надлежно јавно обвинителство и оти на тој начин „политичарите и политикантите“ би докажале дека се за владеење на правото, а не за анархија.

– Во спротивно, како што нагласуваат од Судскиот совет, политичарите и политикантите треба да се воздржат од злоупотреба на судските одлуки во партиски цели и да им овозможат на судовите, во со закон утврдена постапка, по исцрпувањето на сите правни лекови, да донесат правосилна одлука, стои во соопштението.

Таму се наведува дека согласно Законот за судовите, се забранува секој облик на влијание на независноста, непристрасноста и самостојноста на судиите во вршењето на судската функција, по која било основ и од кој било субјект.

– Затоа, Судскиот совет енергично се спротивставува на сите форми и облици на напади и обиди за обликување на судството по нечија желба, без оглед дали доаѓаат од политичките партии, невладините организации, правни или физички лица или пак, неформални групи, пишува во соопштението од Kараџовски.