Казните ќе зависат од околностите, а не од тоа каде е сторено делото

Со Предлогот на законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната за првпат во Република Македонија на законско ниво се уредува оваа материја. Неговата цел е да се воедначи казнената политика во изрекувањето на казните од страна на судовите. Не се точни изнесените наводи дека законското решение е противуставно. Напротив, решенијата содржани во законот го промовираат принципот на еднаквост на граѓаните, соопшти ВМРО ДПМНЕ.

„Од анализите направени за потребите за изготвувањето на законот може да се заклучи дека за исто кривично дело сторено под слични околности во различни судови во Република Македонија се изрекувани драстично различни казни и со тоа се деградира принципот на еднаквоста на граѓаните. Со примената на новиот закон висината на изречената казна ќе зависи од оклностите под кои е сторено кривичното дело, а нема да зависи од тоа каде е сторено делото и во кој суд му се суди на обвинетиот. Не се точни и констатациите дека се ограничува независноста на судиите. Имено, тие ќе ги одмеруваат казните врз основа на дефинирани и објективни критериуми што досега не беше пракса и резултираше со крајно невоедначена казнена политика што е констатирано во бројните анализи на оваа состојба. Понатаму, во законот се пропишани дополнителни критериуми за секој индивидуален случај каде што судијата ќе ги вреднува специфичните околности во конкретниот предмет од кои во одредена мера ќе зависи и висината на казната“, се вели во информацијата на владеачката партија.