Економија

Сугарески: Меморандумот за развој на железницата со Бугарија претставува значаен чекор

Сугарески: Меморандумот за развој на железницата со Бугарија претставува значаен чекор

Меморандумот за развој на железницата што го потпишавме со Република Бугарија е предуслов за одржлив економски раст и развој на регионот, како и значаен чекор напред во однос на заедничките инвестиции што ќе ги реализираме за довршување на Коридорот 8 кон исток, рече во саботата на прес-конференцијата министерот за транспорт и врски Горан Сугарески додавајќи дека Коридорот 8 ќе биде завршен до 2026/2027 година.
Тргнувајќи од важноста на функционалност на Коридор 8 како дел од регионалната транспортна мрежа, потпишувањето на меморандумот е предуслов за одржлив економски раст и развој во регионот, појасни Сугаревски.

„Со Меморандумот се обврзуваме да ја доизградиме и модернизираме пругата до границата со Бугарија, а Владата на Бугарија се обврза да ја доизгради пругата до нашата граница, со што целосно ќе го заокружиме железничкото поврзување. Вкупната должина што треба да се доизгради до границата со Бугарија е околу 89 километри. Изградбата претходно е поделена на три делници, а постапките за сите три делници веќе се почнати“, рече Сугрески.

Изградбата на делницата Куманово-Бељаковце е во фаза на реализација, а средствата во висина од 46 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

„Пругата требаше да биде готова уште минатата година, но поради одредени проблеми со проектната документација и нерешените имотно-правни односи градбата е пролонгирана до 2018 година. За ова време ќе бидат надминати сите настанати проблеми се со цел пругата да биде изградена во рамки на договореното“, рече Сугарески.

Во делот од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри, во завршна фаза е постапката за изработка на техничка документација. Постапката за изведувач, како што рече, е почната и се очекува до средината на идната година да имаме избрано градежна фирма што ќе го гради овој дел од пругата. Оваа делница ќе биде завршена до 2021 година, а 145 милиони евра веќе се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Потенцираше дека на Самитот во Трст што се одржа минатиот месец на Македонија и бил доделен грант-неповратни средства во висина од 70 милиони евра од страна на ЕУ. Овие пари ќе бидат искористени за изградба на оваа делница и за овој износ, како што рече, ќе го намалиме кредитното задолжување кон ЕБОР.

За третата секција од Крива Паланка до границата со Бугарија во должина од 24 километри, во завршна фаза е изработка на проектна документација. Се проценува дека изградбата би чинела меѓу 350 и 400 милиони евра.

„Досега имаме обезбедено 60 милиони евра преку Оперативната ИПА програма 2014-2020, а останатите ќе ги обезбедиме преку меѓународни финансиски институции кои имаат пројавено интерес за финансирање на оваа делница. Нашите планови се изградбата да почне во 2020, а да заврши во 2025 година“, рече Сугарески.

Според Сугарески, Бугарија со Меморандумот се обврзала модернизацијата на железничката линија од Софија до Ѓуешево да биде завршена до крајот на 2026, а делот од Ѓуешево до границата со Македонија да биде завршена до крајот на 2027.

„Изградбата на пругата е од огромно зачење не само за двете земји, туку има значење и за целиот регион. Ќе се отворат нови можности за сите транспортни компании, ќе се создадат нови транспортни рути, а изградбата на пругата ќе има силно влијание и врз економијата. Генерално ќе имаме олесување на транспортот и намалување од притисокот од досегашнте несакани случувања на Коридорот 10“, додаде тој.

Сугарески информираше и за изградбата на пругата кон Албанија, која не е составен дел од Меморандумот. Должината на оваа пруга е 66 километри, а во завршна фаза е изработката на основните проекти кои треба да бидат готови до крајот на годината. Потоа ќе се пристапи кон обезбедување финансии, а изградбата ќе чини околу 550 милиони евра. Според него, многу е важно Македонија да има функционална пруга и кон запад бидејќи на тој начин ќе го заокружиме Коридорот 8 кој е еден од значајните паневропски коридори во регионот.