Сугарески: Владејачкото мнозинство не сака надзорна расправа за поплавите

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески денеска обвини дека владејачкото мнозинство прави се за да не продолжи надзорната комисија за поплавите, чија прва седница се одржа пред 11 дена со цел, како што велат јавноста да не ја дознае вистината.

– Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не сака никогаш да се одржи надзорната расправа бидејќи не сака јавноста да ја дознае вистината. Токму затоа губи време обидувајќи се да ја смени досегашната практика за одржување надзорни расправи, во очекување дека ќе помине времето и ќе се распушти Парламентот, па ќе избегнат одговорност, изјави Сугарески во Собранието на РМ.

На новинарско прашање тој рече дека СДСМ стои на ставот дека мора да има избори на 11 декември согласно анекс – договорот од 31 август.

Во врска со неуспешната прва средба на работната група за изборните единици и дали ќе одат на избори доколку ова прашање не се реши, Сугаревски го повтори ставот на СДСМ дека доколку Македонија би била една изборна единица ова прашање не би претставувало проблем. – Стоиме на ставот дека ова прашање мора да биде политички затворено со тоа што еднаквоста на гласот да биде на сите иста и правиме се ова прашање да биде завршено, рече Сугаревски кој очекува работната група за изборните единици да продолжи со работа.

Запрашан за одложувањето на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, тој ја повтори оценката дека е тоа сценарио на владејачкото мнозинство, кое вели не сака воопшто извештајот за работата на Јавниот обвинител на РМ Марко Зврлевски да се разгледува ниту на Комисија ниту на пленарна седница. Тој додава дека, според собранискиот Деловник Извештајот на СЈО може да се разгледува и без присуство на подносителот бидејќи, вели, не е општ акт.