Шулајковски: Ова поднебје e посебно истакнато по талентирани деца за сите уметности

Ова поднебје било посебно истакнато по талентирани деца од сите области на сите уметности, вели академскиот сликар Тони Шулајковски во разговорот за Нетпрес.

Галеријата во Културно информативниот центар беше претесна за да ги собере љубителите на ликовната уметност што се собраа за да присуствуваат на отварањето 54-тата самостојна изложба на академскиот сликар Тони Шулајковски, насловена „Предградие на потсвеста“.

Отварање на 54-тата самостојна изложба на Тони Шулајковски
Отварање на 54-тата самостојна изложба на Тони Шулајковски

Меѓу големиот број честитки, поздравувања, разговори за самите дела, успеавме накратко да поразговараме со авторот на изложбата, за да ни каже нешто повеќе околу самата изложба и за неговата работа, како академски сликар, но и како педагог кој работи со талентирани деца.

Ова е 54-та по ред ваша самостојна изложба, ако може накратко да ни кажете нешто повеќе за неа: Колку време ќе трае, колку дена ќе имаат можност љубителите на уметноста да ги погледнат вашите дела, колку слики се изложени и за каква техника се работи?

Ова е моја 54-та самостојна изложба работена во период од пет години, работена акрил на платно и претежно се надоврзувам на поранешниот мој циклус „Интергалактички реакции“, каде што пред се’ се истражува енергијата и се она што не опкружува, начинот на создавање и постоење на светот и Космосот. Се надоврзувам на моите истражувања и корените на самоистражување, односно секој автор сам се преиспитува, сам се истражува, јас цел живот тежнеам да се самоистражам и да отидам на некое повисоко ниво и тие мои истражувања, набљудувајќи ја средината и контактите со луѓето, претежно некогаш се појавуваат и соништа и сеќавања и тие сите навирања од тие доживувања ги препознаваат луѓето. Изложбата ќе биде отворена до 31-ви овој месец и љубителите на уметноста можат да ја посетат кога ќе бидат слободни.

Отварање на 54-тата самостојна изложба на Тони Шулајковски
Отварање на 54-тата самостојна изложба на Тони Шулајковски

Вие сте добитник на повеќе награди и признанија и исто така изложувате низ повеќе градови на Македонија, но и во странство. Кажете ни по оваа изложба во Културно-информативниот центар каде планирате да ги изложите вашите дела, дали имате некакви планови?

Годинава не планирам да ја повторам изложбата, но следната година имам план да ги изложам во странство. Имам покана во Шпанија и во Италија, но ќе видиме дали сето тоа ќе се реализира…

Покрај тоа што сте ликовен уметник и академски сликар, вие сте и педагог, односно работите со талентирани дечиња. Кажете ни, колку во ова време на социјални медиуми, на интернет постои интерес кај децата за ликовната уметност?

Па малку сега е потешко да се заинтересираат децата, но секогаш ова поднебје било посебно истакнато по талентирани деца од сите области на сите уметности, посебно и за визуелните, како ликовната уметност и секогаш има талентирани деца. Јас се трудам да им го поттикнам талентот и многу од моите деца сега се и студенти и уметници и се успешни.

За крај Тони го прашавме што сака повеќе: да работи како ликовен уметник или со деца, на што тој вели дека љубовта е подеднаква и дека овие две „професии“ одат паралелно.

Отварање на 54-тата самостојна изложба на Тони Шулајковски „Предградие на потсвеста“
Отварање на 54-тата самостојна изложба на Тони Шулајковски „Предградие на потсвеста“

Инаку во рамки на изложбата во Културно информативниот центар, љубителите на уметноста имаат можност да погледнат 30 дела.

Шулајковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, каде што и завршил постдипломски студии во класата на Родољуб Анастасов. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Досега работел во две основни училишта како ликовен педагог, а од 2005 година работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“.

Тој е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и на наградата „Сликар на годината“ од светската галерија на цртеж „Остен“ во 2012-тата година.

Неговите дела се наоѓаат во многу домови и се дел од многу колекции: во Македонија, но и во Ирска, Холандија, Германија, Австралија, САД, Тајланд, Канада, Ноз Зеланд, Англија, Грција, Србија, Хрватска, Швајцарија, Словенија, Бугарија и Франција.