Сулејман Реџепи: Македонците муслимани се сатански продукт

Постојат Торбеши, а не Македонци-муслимани, кои се ин витро-нација, која ја измислува владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ како своја сатанска активност за да создадат нација на антички луѓе и да останат на власт!?

Сублимирано, ваков ригиден став во однос на постоењето на Македонците со исламска вероисповед искажа поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, реисот Сулејман Реџепи, во својата колумна објавена и пренесена во неколку албански медиуми, како и на официјалната интернет-страница на ИВЗ.

Во текстот со наслов како „Раѓањето на ин витро-нацијата“ реисот Реџепи, кој од припадниците на други етнички заедници со исламска вероисповед често е обвинуван дека ја „албанизира ИВЗ“, обвинува дека за претопувањето на Торбешите во Македонци-муслимани е ангажирана цела владејачка партија, која дури за тоа формирала и посебен штаб, пишува весникот „Дневник“, пренесува Нетпрес.

– Освен јазикот, кој може да е последица на асимилирачките притисоци, што заедничко би можеле да имаат припадниците на торбешката заедница со славомакедонците или со античките Македонци! Многу малку се на број, дури на прсти можат да се избројат вистински Торбеши, кои би прифатиле да се нарекуваат Македонци. Исто колку што би можело да се најде некој Албанец да се нарекува Арап поради исламската вера, или Грк, Србин, Рус поради христијанството – потенцира реисот Реџепи.

Во своето обвинување тој додава дека кај Торбешите во посета одат „мисионери вмровци“ со цел да ги убедат да се изјаснуваат поинаку отколку што се чувствуваат.

– Им нудат работа во администрацијата во замена за нивниот идентитет „Македонци-муслимани“. Имаме информации дека во рамките на Министерството за финансии работи посебен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, кој се занимава со лобирање во торбешките семејства за развој на заедницата на „Македонци-муслимани“. На партијата ~ треба поголем број на „Македонци-муслимани“ за да добиваат гласови од оваа заедница. Така мислат само политичарите што се грижат за бизнис, а не за националните прашања – потенцира тој.

Ваквите ставови на реисот вчера остро ги осуди Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија. Тој предупредува дека целта на ваквите тврдења, како и на оние што се појавуваа и порано, е да се расцепи македонската заедница.

– Сето тоа е само една смислена стратегија на ИВЗ со која се сака Македонците-муслимани да се одвојат од своето национално македонско ткиво. Се плашам дека реисот, кој е на чело на верската заедница што се грижи за верскиот живот на муслиманите во земјава, ќе даде налог до своите имами да почнат да држат проповеди дека не постојат Македонци-муслимани, туку само Торбеши. Еден духовник не може така да настапува кога е во прашање нечие национално чувство – потенцира Бојда.

Тој го прашува реисот Реџепи како може да го признава постоењето, на пример, на Албанци-муслимани, католици, православни, а не може да сфати дека постојат и Македонци со исламска религија.

– Ако не постојат Македонци-муслимани, туку Торбеши, и Албанците се Торбеши, бидејќи и тие своевремено го примиле исламот. Ова е навреда за сите Македонци, која доаѓа од ИВЗ, која дејствува како канцеларија на политичка партија на албанскиот политички блок – нагласува претседателот на Сојузот на Македонците со исламска религија.

Познато е дека пред три години тогашниот лидер на ПЕИ и пратеник, Фијат Цановски, бараше Торбешите да бидат признаени како посебна етничка заедница во земјава. Барањето тогаш беше Торбешите да бидат запишани во преамбулата на Уставот, да бидат заведени како Торбеши, односно како посебна етничка заедница. Но, ваквиот предлог не беше прифатен, а Цаноски потоа се откажа од политичката активност. Вакво барање беше истакнато и на Првиот торбешки форум.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.