Сулејман Реџепи побара институциите да реагираат по упадот во ИВЗ

Поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи синоќа имаше средба со Ријасетот на која во присуство на 12 муфтии го осуди упадот во просториите на ИВЗ.

Муфтиите бараат од институциите да дејствуваат за зачувување на верската исламска институција, пренесува МИА.

Според Реџепи, станува збор за група којашто е изманипулирана и политички злоупотребена за поттикнување на конфликт. Тој смета дека групата која направи упад во ИВЗ има поддршка од полицијата бидејќи, како што рече, иако добиле наредба од Обвинителството да дејствуваат, не прават ништо за да ги растераат лицата од ИВЗ.

– Имам информации дека Јавното обвинителство и Јавниот обвинител ја имаат завршено својата работа и нивната одлука треба да се имплементира, да се изврши. Како што изгледа, оваа работа се одолговлекува, истакна Реџепи.

Тој ги повика верниците да не подлегнуваат на провокации.

– Им давам можност на институциите на редот да докажат дека се во служба на правдата, пред Ријасетот да преземе чекори за враќање на имотот на ИВЗ, рече Реџепи.

И претседателот на Собранието на ИВЗ, Хаки Агуши, го осуди денешниот упад во Скопје. – Верувам дека нема ниту еден оџа, ниту еден муслиман што се согласува со ова, бидејќи има и други методи за да се дојде до договор, а да не користи насилство, истакна Агуши.