Сулфарата-дувало во Косел стана медиумска атракција

По информациите кои излегоа во јавност за активација на Сулфарата – Дувало во с. Косел во текот на вчерашниот ден, градоначалникот Никола Бакрачески денес го посети овај локалитет, пишува ohrid.gov.mk . Од таму се констатира дека не постои опасност и дека тоа е природна појава.

Ние во текот на вчерашниот ден после објавувањето на информации во медиумите, веднаш како Локална самоуправа ги контактиравме надлежните институции, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, а од утрово и Природно математичкиот факултет за да можеме да излеземе со информации околу актуелната состојба на Сулфатарата – Дувало. Од она што како информации вчера и во текот на денешниот ден ги добивме може да кажеме дека нема никаква причина за вознемиреност и загриженост на населението, не само во околината на Косел туку и во Охрид, изјави градоначалникот Бакрачески.

Се работи за природна појава која што се случува при промена на временските прилики, која често е проследена со излегување на водороден сулфит и јаглероден диоксид од пукнатините на вулканот.

Според Љупчо Прескаков, овластен советник во Дирекцијата за заштита и спасување, потврда за тоа дека нема опасност од активација на вулканот е и тоа што не е забележана никаква сеизмичка активност.

Познато е дека и во 2004 година имаше поголемо излевање на гас. Последната информација од ИЗИС е дека на ова подрачје не е забележана никаква сеизмичка активност. На секој вулкан, ако е навистина вулкан, би му претходела некаква сеизмичка активност. Овде немаме никаква сеизмичка активност. Се работи за едно сосема нормално за ова место, излегување на гасовите сулфур водород и јаглероден диоксид и нормално, како што се затвараат некои дупки заради дождови, лизгање на земјиштето, така гасот врши притисок и се отвораат нови дупки. Можеби и насипот на којшто сме, несреќно е одбрано местото каде се одлагал градежен шут со што се затворени природните испусти, а гасот врши притисок за да излезе надвор, додаде Прескаков.

За оваа година во програмата за заштита на животната средина предвиден е проект со кој ова место ќе се претвори во туристичка атракција, а тоа е уште еден доказ дека нема никаква причина за вознемиреност и тоа не само сега, туку и во иднина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.