Сулфур

Има еден познат белградски графит: Ако ја бутнеш раката во кофа со сулфурна киселина, ќе приметиш дека кофата нема дно 🙂

Така и Заев, брца во кофата без дно, и мисли име уште, главното само што не му дошло во рака. Арно ама, ја нема веќе раката, а што е најглавно во неговата приказна.

Поминаа два месеца од неговото брцање во кофата со сулфур, полна со туѓи телефонски разговори, муабети, оговарања, претпоставки… и се уште го нема главното по што е тргнат. Нема власт во раката. Напротив, подалеку е од власта од било кога порано.

Некој му рекол дека странците му дале безбедна ракавица да брца на раат по киселината додека не му здосади. Безбедно било. Но, ако било така безбедно и комотно, зошто тие странци не брцаат сами по кофата со сулфур, и штом ќе ја зграпчат власта, да му ја предадат на Зајко. Не е безбедно, затоа го тераат него.

А Зајко, по својата природа има една вродена маана – големи уши. Со нив е зависен од слушање, ама и лесен за фаќање за ушите. А после, се знае.

И, ете, ни по два месеци Зајко не слушна што очекува и не го најде тоа што го бара. Гарантираше дека власт паѓа за три дена, па после беа седум, за да се растегнат на триесет и откако ни тоа не бидна, неговиот телал Геро да најави дека Груевски ќе го дочека Велигден во опозиција. Ете, и Цветници поминаа, на праг сме на Велигден, а Зајко се уште е со раката во кофата. А кофата нема дно. Сулфурот веќе го усмрде СДСМ.

Откако помина се што бидна, Груевски почна со зголемување плати и стипендии за студентите, најави нов автопат, и потпиша три нови договори за странски инвестиции. За само два месеци. Па, ти сега види што е битно за твојот живот: да онанираш и сеириш со телефонските разговори на Заев, или да најдеш нова работа, да уживаш во поголема плата, да се возиш по нов пат или да се лекуваш бесплатно со нови апарати.

А кога сопчињата на СДСМ ќе се усмрдат од сулфурот во кофата, тоа е состојба на длабока омаменост и опиеност. Човек губи контакт со реален свет и се му паѓа на памет.

Во СДСМ има едно такво сопче, во кое дремат на смена дилбери од Струмица и ги чуваат материјалите што Верушевски му ги дал на Заев. Таму спијат, таму јадат дилберите струмички и никој друг освен нив не смее да пипа по снимките. Само Заев, секретарката партиска и уште едно-две одбрани лица преслушуваат, одбираат, сечат и монтираат што ќе биде објавено.

Повремено, кога ќе падне моралот и вербата кај сопартијците, им се прават сеанси на кои интерно, за нивна забава, им се пуштаат и приватни телефонски разговори од прислушуваните. Демек, види што се имаме, не се секирајте овие паѓаат гарант.

А овие не паѓаат. И последните анкети, од крајот на март, покажуваат дека рејтингот на СДСМ не мрда нагоре. Напротив, нивните објави уште помалку се следени на Јутјуб и на нивните сајтови. Падна интересот. Кој се сомнева нека отвори на интернет alexa.com и нека ја види линијата на движење на посетеност на нивните сајтови: од Плусинфо, преку Либертас, А1он, до НоваТВ, Бриф… и ќе забележи, со свои очи дека кај сите нивни сајтови, без исклучок, има длабок пад на посетеноста. Game over!

Како што е забележливо и тоа дека Зајко нема поддршка ни во СДСМ.

Секако, СДСМ не се оние десетина ликови околу него кои сам ги одбра по личната промена на партискиот статут дека општинските организации не го бираат него, туку тој нив, по што партијата влезе во јасна диктатура на претседателот врз базата.

Нема поддршка Зајко од најсилната партиска гарнитура на СДСМ, од златното доба на Црвенковски, Бузлевски, Таки Фити, Хари Костов… ниту следната генерација во која доминираат Игор Ивановски, Горан Минчев, Наташа Савова, Зоран Јовановски, Јани Макрадули… како ни од поновите: Гордан Георгиев, Ана Данева, Ѓорѓи Трајчев…

Ниту еден од овие, а ни сличните на нив кои го изградија СДСМ и победуваа на избори, не дадоа поддршка на ова што Заев го прави. Сакаат да победи СДСМ, секако, но не во валкана игра и со рацете до лакти во кофа со сулфур. Не со туѓа крв. Знаат дека вака СДСМ не добива власт, а ризикува да добие карактер на подземна политика која за власт е подготвена на се, освен на работа, проекти и организација.

Патем, во СДСМ забележале еден детаљ кој и мене ми поминал незабележано. Датумот кога Заеви ја купувале куќата во Грција, а тоа е декември 2012 година, денови кога Црвенковски заедно со пратениците од СДСМ водеа битка во Собранието, и демонстрираа пред Парламентот. Додека тие водеа битка, Заеви го дрвеа во Грција и купуваа куќа вредна 400.000 евра, а платена наводно само 100.000 евра.

Во СДСМ добро го знаат и Верушевски, доволно му плаќаа рекет.

Зајко го знае ова. И оттаму паранојата и тескобата што владее со него.

Последната карта на која заигра – е етнички конфликт и тепачка со Албанците. Да биде голема гужва, ако може и крв да падне како што најавуваат неговиот Героски и Стојанче Ангелов, а во гужвата да се добие барем преодна, заедничка влада без избори.

Затоа Зајко на албански телевизии упорно турка провокација дека оваа власт треба да биде казнета од Албанците, затоа што наместила судење по убиството на петтемина кај Смилковското Езеро. Тој случај, Смилковско Езеро, сега е главна точка на неговите очекувања. А очекувањата се да се дигнат Албанците на улица, и да удрат на владата од една, а тој и неговата струмичка тајфа од друга страна. Па, после ќе му ја мислиме.

Зајко нема поддршка за оваа акција кај ДУИ и ДПА. Пред се, затоа што албанските радикали, оние од Беса и приштинската организација Самоопределување, не се политика која било каде, и било кога создала нешто креативно и конструктивно освен немири, нереди, тензии и насилства. Ако таквата политика стане решавачка и заживее, тогаш ниту ДУИ ниту ДПА нема што да бараат во политиката.

Плус фактот што албански верски фундаментализам помешан со етничко насилство од темел ја тресе и доведува во прашање албанската улога на Балканот.

Но, Зајко не е во ситуација да мисли до таму. Не го сакаат во СДСМ, го поддржуваат само пар медиуми кои ги плаќа од своето големо семејно богатство и онаа врхушка во СДСМ, која е свесна дека само сега, и само преку него, може да дојде до функции и пари.

Затоа, Зајко сега пумпа атмосфера дека денот на пресметка се одложил, и дека тоа ќе се случува во почетокот на мај. На начин кој е опишан, и очекуван.

Поддршката за Зајко е од интерес. Тоа барем јасно се гледа.

Кога милионерот Бубо Каров зборува пред МРТВ и бара промена на власта, тој во исто време бара и нов договор за емитување на нивната К-15. Договор од 10.000 евра за саат време (!) скечеви, претежно репризирани и мешани со нивните бајати музички спотови. Таков договор имал претходно, кога на власт во МРТВ бил соросоидот Зоран Бојаровски, новинар на А1 и функционер на МРТВ. А за милион евра во џебот на Бубо Каров и К-15, не само Заев, и Беса и приштинските јуришници се добра власт.

Особено ако власт во ова македонска јавна институција биде Мухи Зекири.

Го слушам Бубо Каров, политичар во обид, како срцепарателно и лицемерно ги жали новинарите од МРТВ, кои, за разлика од него храбриот и добро нафатираниот, не се осмелувале да протестираат против сопствената телевизија.

Па ни тоа не му е доста, и им порачува дека туѓ стап им бил во нивниот газ, и требало само да исчекорат напред и да се ослободат од маката. Дека се педери.

Нешто не видов дека овој сексизам на Бубо Каров, неговата оценка дека педерлукот е понижување и зависност, е осуден од хомосексулната заедница. Којзнае, можеби Бубо Каров е од нивните, а врана врани очи не вади, па му простиле за ова.

Ако тие му простиле, голем дел од новинарите не му простуваат на Бубо Каров, К-15 и на Зоран Бојаровски, затоа што заради нив денес сметката на МРТВ е блокирана, а тие не можат редовно да добиваат плати, а камоли покачувања. Блокирана е затоа што Бубо Каров и К-15 им земале огромни 1,3 милиони евра за бајати скечови и спотови, плус им здрпале и 600.000 евра за камати од сметката на МРТВ. А Бојаровски, освен за ова, им е одговорен и за договор за опрема од Словенија, кој е десеткратно преплатен, па сега сметката на МРТВ е блокирана за 1 милион евра.
Може Бубо Каров и К-15 да ја поправат ситуацијата. Нека ги вратат на сметката на МРТВ барем тие 600.000 евра што им ги земале за камата… и се ќе биде поинаку.

 

Арно ама, не ги враќаат. Напротив, работат да добијат нов милион евра од нивната сметка. А како награда за нов договор, ќе им ги изваделе стаповите до газовите.

Колку да се знае со кого си имаме работа. Пред некое време двајца од тројцата од К-15 беа во владата и бараа договор, нормално милионски, со МРТВ. За да соработуваат во афирмација на ВМРО-ДПМНЕ и владините активности. Беа одбиени.

Тоа се јуришниците на Зајко. Длабок џеб, длабока уста, а плитка памет.

Очекувајќи го мај, и битката која Заев ја најавува, уживајте во зголемените плати, поголемите пензии и стипендии, новите улици и инвестиции… и не грижете се. Уште сега, Заев и неговите се минато во македонската политика.

Драган П. ЛАТАС за ВЕЧЕР