Шумскиот пожар во Вирче предизвикан од човечки фактор

Шумскиот пожар кој пред една недела опустоши борова шума на површина од еден хектар во атарот на делчевското село Вирче, бил предизвикан од луѓе кои во близина на шумата чувале стока, објави МИА.
Како што информира денеска командирот на делчевската Територијална противпожарна единица (ТППЕ) Јонче Атанасовски, пожарот тргнал од запалена смрека.
– Овој пожар беше специфичен по многу нешта, беше многу блиску до границата со соседна Бугарија, но благодарение што на време се излезе на лице место, бевме ефикасни во гаснењето. Пожарот беше предизвикан од луѓе кои во овој дел чувале стока. Од кои причини палеле смрека ќе покаже истрагата. Но, во оваа прилика повторно ќе потенцирам дека 99 отсто од шумските пожари се предизвикани од човечки фактор. Обично се пали шумата од сечачите на дрва кои сакаат на овој начин да добијат некоја материјална штета, но забораваат дека шумскиот пожар не може да се контролира и не се свесни какви штети предизвикуваат, рече Атанасовски.
Тој апелира граѓаните да бидат крајно внимателни кога се движат низ шумата.
– Пожарите зависат од многу фактори, бзрина на ветер, температура, влажноста на воздухот,… Апелираме граѓаните да бидат крајно внимателни, посебно со последните измени на Законот, казните се многу ригорозни и се движат од пет до 10 години затвор. Не смее да се има толеранција за луѓе кои ќе се однесуваат неодговорно кон шумското богатство, истакна Атанасовски.
Во врска со стартот на летната сезона и високите температри кои ја носат и опасноста од шумски пожари, Атанасовски нагласи дека ТППЕ од Делчево е кадровски добро екипирана и подготвена, но проблем има со опремата.
– Ги повикувам надлежните, Дирекцијата за заштита и спасување и Општина Делчево, да помогнат да се набави опрема соодветна за гаснење шумски пожари. Повеќе територијални противпожарни единици изминатиов период добија теренски возила, тојоти кои се еопремени за гаснење шумските пожари, а ние располагаме со една лада нива со која можеме да однесеме само десет туби вода, бидејќи толку собира возилото. Ако се земе предвид дека за да стигнеме до поажрот обично ни треба повеќе од еден час, значи ризикот е голем, рече Атанасовски.
Делчевските пожарникари покриваат територија каде има 24 илјади хелктари шума, а дел од оваа шума е во пограничниот појас со соседна Бугарија. Шумата во овој регион е со борови насади и е од прв степен на загрозеност. Како резултат на поголемата контрола од шумската полиција, но и од граничната полиција, бројот на шумските пожари лани бил значително помал во споредба со претходните години. Атанасовски истакна дека во 2015-та делчевските пожарникари интервенирале на 20 шумски пожари, додека во претходните години се евиднетирани околу 90 шумски пожари на териоторијата на општина Делчево.