Суперкуп Скопје 2017: Мурињо би го земал Бејл, Зидан тоа го смета за провокација

Манчестер Јунајтед ќе го доведе Герет Бејл од Реал Мадрид доколку му се укаже можност, изјави менаџерот на англискиот клуб Португалецот Жозе Мурињо, ден пред натпреварот од европскиот Суперкуп против победникот на Лигата на шампионите кој ќе се одигра во Скопје во вторник во 20,45 часот, пренесуваат светските агенции акценти од прес-конференцијата на двата клуба.

„Не размислувам за тоа дали Бејл ќе игра утре. Но доколку не е во план, и ако е точно тоа што ги пишувате, дека тој е на излез за да може да дојде друг играч… Ќе настојувам да го чекам и да се борам за него“, изјави Морињо на прес-конференцијата во Скопје.

„Меѓутоа, доколку заигра утре, ќе биде очигледно дека останува во Мадрид“, додаде Португалецот.

Мурињо специјално се поздрави со Бејл по пријателскиот натпревар меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед кој се играше во САД минатиот месец. Медиумите тогаш пренесоа дека го повикал да дојде во Манчестер.

„Бејл е играч на Реал Мадрид“ одговори тренерот на европскиот и шпански шампиони Французинот со алжирски корени Зинедин Зидан, кога тој се појави пред новинарите.

„Но она што во моментов ме интересира е утрешниот дуел. Тоја сме тој (Бејл), јас и другите играчи за да ја освоиме титулата“, истакна Зидан.

Шпанските спортски медиуми последните денови ја анализираа играта и ефектот на 28-годишниот Велшанец Герет Бејл кој минатата сезона често беше повреден. Тој во Мадрид дојде во летото 2013 година од Тотенхем за 101 милиони евра откако истото лето клупата на Реал ја напушти Мурињо. Бејл има договор со „кралевите“ до летото 2022 година.

„Мурињо ќе го состави својот тим, а јас својот. Секој може да додаде малку бензин на огнот, но ништо нема да се промени. Ние сме концентрирани на натпреварот“, порача Зидан.

Мурињо, пак, порача дека дошол во Скопје да победи.

„Тоа е очигледно. Но, очигледна е и разликата меѓу победникот во Лигата на шампионите и на Лига Европа. Европската лига е тешка, бидејќи има многу патуваа, натпревари… Потребен е и мотив бидејќи тоа не е најсилното натпреварување. Најголемиот квалитет е во Лигата на шампионите. Но ние веруваме дека можеме да победиме“, изјави Мурињо.

Двете екипи одиграа без победник (1:1) во јули во пријателскиот меч. Тогаш не настапи за мадриѓаните Кристијано Роналдо кој пред неколку дена му се приклучи на тимот и сепак допатува во Скопје.

„Многу работи се случија, многу бука како и секогаш, но тој е мирен“, изјави Зидан осврнувајќи се шпекулациите од почетокот на летово дека Роналдо е подготвен да го напушти Мадрид незадоволен од односот на клубот, новинарите и даночната управа на Шпанија кон него.

„Она што ме импресионира е дека е физички во иста состојба во каква што беше на денот на финалето во Кардиф и пред два месеца. Тоа е она што за мене е важно. Тоа што е со нас значи многу. Тука е за да игра. Но, ќе видиме утре“, заклучи Зидан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.