Сушата во Индија за три недели однесе над 500 животи

Државен секретаријат за справување со последиците од елементарни непогоди во Индија денеска информира дека за три недели најмалку 500 лица го загубиле животот во Индија, како последица на големата суша, предизвикана од невообичаено високите температури за овој период од годината.

Според Секретаријатот, како што јави ТАСС, големите горештини зафатиле огромен дел од територијата на Индија и предизвикале недостиг на вода за пиење за над 300 милиони жители во 256 окрузи во земјата.

– Состојбата е најтешка во сојузните држави Телангана, Одиша и Андра Прадеш. каде во последниве три недели починаа речиси 500 лица, се наведува во соопштението.

Во Одиша, каде како последица на жештините починале 198 лица, се измерени рекордни температири за овој период од годината од дури 48 степени Целзиусови.

– Претстојново лето ќе биде најтопло во последниве 100 години, при што максималните температури во јужните индиски држави може да надминат и над 48 степени, соопшти индиската метеоролошка служба.

Како последица на големите жештини лани во Индија животите ги загубија над 2.000 лица.

Според експертите, ваквите невообичаено високи температури во Индија се должат на локални аномалии засилени од влијанието на природниот феномен „Ел Нињо“.

Тие посочуваат дека ваквите аномалии се појавуваат циклично во интервали од две до седум години, предизвикувајќи еколошки катастрофи како суши или обилни поројни дождови.