Суспендирани приведените судии во случајот „Јустиција“

Сите осомничени судии во случајот „Јустиција“ се суспендирани сè до правосилно завршување на постапката, одлучи денеска Судскиот совет на Македонија. 

Според претседателката на Советот, Александра Зафировска, била донесена превентивна мерка за забрана за вршење работна дејност поврзана со кривичното дело.

Во овој случај се осомничени 14 судии и 11 стручни соработници од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје.

Судија во претходна постапка засега на 19 осомничени им одреди забрана за напуштање на живеалиштето, а на петмина покрај забраната да го напуштат домот им нареди и повремено да се јавуваат кај надлежниот истражен орган.

Според јавното обвинителство, приведените судии и службеници МВР ги сомничи за несовесно работење во службата, чување на 8.000 предмети кои застареле, а со своите наводно незаконски постапки тие ја оштетиле државата за 1,3 милиона евра.