вторник, 23 мај 2017  |  Вести денес: 45

Сузбивање на нелојалната конкуренција во туризмот, бара матичното Здружение

133334604

Последни вести

Заедничка координирана акција на надлежните институции за елиминирање на нелојалната конкуренција во туризмот поради присуство на фирма човек туристички агенции на терен, како и измени на Законот за угостителска дејност за спроведување ред во работењето, бара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Од нелојалната конкуренција, предупредија денеска претставници на Здружението, директно може да биде загрозен растот на бројот странски гости, како резултат на нивното незадоволство од дел од субјектите на терен, а со тоа и на девизниот прилив.

– Сето тоа влијае на девизниот прилив во државната каса, на активирање голем број правни субјекти и поединци кои живеат директно и индиректно од туризмот и влијае и  на инвестиците во туризмот бидејќи многу правни субјекти во обид да останат конкурентни вложуваат во новини во работата, а  сето  тоа е доведено под знак прашање имајќи предвид дека на терен  се работи нелојално, рече на прес-конференција Даниела Михајловска Василевска.

Асим Меџедовиќ, член на Здружението, истакна дека е се поголем бројот на човек агенциите кои нудат услуги на туристите со директни настапи пред нив во централните градски подрачја и низ главните шеталишта  во Охрид и Струга. Со тоа, оцени, на туристите им се нарушува приватноста, а на државата угледот. – Ако во минатото биле нелегални сега имаат искористено некои пропусти во законите и се веќе човек агенции регистрирани  и лиценцирани, но никој не ја проверува нивната услуга на туристите и нивната понуда е во најмала рака сомнителна, рече Меџедовиќ.

Директен удар на работата на регистрираните домашни агенции, според заменик претседателот на Здружението Славе Сирачевски, се и организираните патувања  во странство од страна на фолклорни групи, училишта, организации, транспортни фирми, но и од домашни агенции кои не ги исполнуваат условите.

– Многу туроператори од странство не ги прават аранжаманите преку агенции туку сами во државава, не користејќи ни македонски водич. Најново е што странски туроператори земаат само водич од кај нас кој го организира целото патување во Македонија, каде се манипулира со кеш, и затоа и  девизниот прилив не можеме да го евидентираме.  Во Македонија има и безброј неевидентирани апартмани кои се издаваат на странски гости, со што се избегнуваат давачките кон државата, се намалува бројот на гостите и девизниот ефект затоа што немаме контрола, а директно влијаат на конкуренцијата, рече Сирачевски.

Координирана акција за сузбивање на нелојалната конкуренција Здружението бара од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи, Инспекторатот во Општина Охрид, градоначалниците на Охрид и Струга и Министерството за внатрешни работи.

Податоците на Народната банка на РМ покажуваат пад од 12,6 проценти на девизниот ефект од патувањата во првите шест месеци лани, кога имало 30,20 милиони долари, споредено со истиот период годинава кога се регистрирани  26,40 милиони долари. Од 2010 година заклучно со 2015 вкупниот девизен ефект од патувања изнесува 744,4 милиони долари.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вупниот број на странски туристи  расте во континуитет заклучно со јули годинава, а се зголемува и бројот на ноќевања. Најатрактивни и понатаму се езерскиот туризам и Скопје. Од странство најбројни се туристите од Турција, Холандија, Србија, Грција, Бугарија и Албанија. Холанските туристи се доминантни во ноќевањата, а турските во бројот на реализирани  посети.

Минатата година регистрираните 1.164 угостителски деловни единици, имале вкупно 11.934 работници, а оствариле промет од 138,4 милиони евра. Во 2014 година, пак, имало 2004 деловни субјекти, со 13.076 вработени и прилив од 151, 1 милион евра.

Најчитани вести