Швајцарците на референдум се изјаснија против протерување на странците

Швајцарските гласачи синоќа на референдум ја отфрлија контроверзната иницијатива на десничарската националистичка партија, која предвидува автоматско протерување на странци, кои ќе бидат осудени за секое, па и најмало кривично дело, покажуваат официјалните резултати, пренесува МИА.

Иницијативата ја отфрлиле 59 отсто од гласачите, се наведува во сајтот на швајцарската Влада.

Одѕивот на избирачите изнесувал 69 проценти, што е најголема излезност на гласање од 1992 година.

Иницијативата предвидуваше автоматско протерување на странците поради тешките кривични дела како силување или убиство, но исто така и во случаи на помалку тешки прекршоци како пребрзо возење или вербална навреда на полицаец, доколку бидат извршени два пати во рок од десет години.