Швајцарија: Маж со моторна пила сечел луѓе (ВИДЕО)

Најмалку пет лица се повредени, од кои две потешко, во напад со моторна пила врз луѓе во градот Шафхаузен на северот на Швајцарија, пренесуваат светските агенции.

Полицијата соопшти дека најверојатно не станува збор за тероризам и дека напаѓачот е идентификуван, но сѐ уште не е уапсен.

Полицијата пристигнала на местото по пријава дека повредени луѓе лежат на улица. Поголем дел од градот е блокиран, хеликоптери ја надлетуваат областа на нападот, а полиција има насекаде, јавува Би-би-си.

Сѐ уште нема детали од нападот, но локалните медиуми известуваат дека полицијата во центарот на Шафхаузен спроведува операција поради „специјална ситуација“.

Портпаролот на полицијата во Шафхаузен потврди дека во тек е операција, но одби да изнесе какви било детали, пренесува швајцарски Локал.

Сопственик на продавница во таа област за швајцарски Блик изјавил дека маж со моторна пила се шетал по улиците и дека туристите и жителите во тој дел од градот биле замолени да не ги напуштаат продавниците и домовите.

На снимките и фотографиите објавени досега се гледаат лекари кои им пружаат помош на повредените кај ресторан на Мекдоналдс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.