Швајцарска лабораторија открила дека Скрипал не се отруени со „новичок“

Според информацијата од истражувачки центар во Швајцарија, која го анализирал примероците коишто експертите на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) ги подигнале од местото на наводот врз семејството Скрипал во англиски Солсбери, покажуваат дека е употребен агенсот BZ, кој го поседувале армиите на САД и Велика Британија, а не се произведувал во Русија ниту во поранешниот Советски сојуз, изјави во саботата вечерта рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров зборувајќи во Москва.

Лавров рекол дека под услов за доверливост Москва го добила од швајцарскиот Центар за радиолошко и хемиско-радиолошки анализи во градот Шпиц резултатот од испитувањата на примероците собрани во Солсбери. Шефот на руската дипломатија појаснил дека овие примероци биле избрани од OPCW на местото на инцидентот и испратени од експертите на OPCW во Шпиц. Швајцарските стручњаци ги завршиле истражувањата на 27-ми март.

Лавров притоа цитирал извадок од документот кој швајцарските експерти го доставила до OPCW чиешто седиште е во холандски Хаг.

„Според резултатите од испитувањата на примероците пронајдени се траги од токсичната хемикалија BZ и негови прекурсори, кои се однесуваат хемиско оружје од втората категорија во согласност со Конвенцијата за забрана на хемиското оружје. BZ e нервен агенс со нервно-паралитички својство, кој привремено го вади човекот од нормалата. Психотоксичниот ефект се постигнува по триесет до шеесет минути по примената и трае до четири дена. Оваа рецептура се наоѓала јак вооружените сили на САД, Велика Британија и други земји од НАТО. Во СССР и во Русија разработувањето на слични хемиски соединенија не биле спроведувани“, го цитирал Лавров документот од швајцарската лабораторија.

Лавров притоа истакнал дека настраданите Јулија и Сергеј Скрипал закрепнуваат многу добро и многу брзо. Според него, земајќи го предвид овој факт, нивната клиничка слика одговара на труење со супстанцијата BZ.

Јулија Скрипал дојде при свест пред речиси две седмици, отпуштена беше од болницата во Солсбери и според британските медиуми сега е на набљудување заштитена во воена база. Сергеј Скрипал, пак, на почетокот од седмицава дошол при свест и може да комуницира. Полицаецот кој ги нашол Скрипал на клупа пред трговски центар, исто така, покажувал симптоми на затруеност но беше набрзо отпуштен.

Во врска со овој извештај, шефот на руската дипломатија се обратил до OPCW со прашање поради што извештајот на швајцарскиот центар во Шпиц не бил вклучен во извештајот на организацијата.

„Доколку, се разбира, од OPCW го негираат самиот факт дека ја користеле лабораторијата во градот Шпиц, тогаш би било интересно да се слушнат овие објаснувања“, истакнал Лавров.

Експертите на OPCW наведуваат во извештајот дека при нападот на таткото и ќерката Скрипал било употребено отровна хемиска супстанција. Авторите на извештајот забележуваа дека супстанцијата била со „висока чистота“, бидејќи практично немало примеси во неа, поради што се потврдува тврдењето на Велика Британија дека за тоа била потребна високо опремена лабораторија „само со државна помош“. Притоа во документот се вели дејка „името и составот на идентификуваните токсични хемиски материи се содржани во целосниот доверлив извештај на Секретаријатот, кој е достапен само за членовите“ на Организацијата.

Меѓународниот извештај не го именува отровот со кој биле отруени Скипал, ниту неговото потекло. Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) ги потврди наодите на британските иследници дека поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија биле отруени со нервен агенс, но не можеле да го утврдат неговото потекло.

Во извештајот што организацијата го објави во четвртокот се потврдуваат податоците на Велика Британија за супстанцијата којашто била користена на 4-ти март во јужниот англиски град Солсбери. Меѓутоа, документот составен на две страници со 12 точки не содржи никакви информации за потеклото на оваа супстанција.

За резултатите од анализите дадени во извештајот ќе биде дискутирано следната среда на вонредната седница на OPCW, којашто ќе биде свикана на британско барање.

Британската премиерка Тереза Меј на 12-ти март рече дека 66-годишниот Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија биле отруени во воен нервен отров кој го нарече „новичок“ кој наводно Советскиот сојуз го развил во 1970 и 1980-те години.

Русија, пак, претходно објави дека името „новичок“ е дадено за да асоцира на „руско“, но дека станува збор најверојатно за агенс познат како А-234, кој го развивале и Велика Британија, Шведска, Чешка и Словачка, како и САД каде што со децении живее еден од руските хемиски научници кои работеле на вакви супстанции.

Во извештајот на OPCW, чиишто експерти наводно самите земале примероци за анализа од Солсбери на британско барање, не се обвинува никој за овој напад, ниту е точно именуван отровот за кој станува збор.

Рускиот амбасадор во Лондон, Александар Јаковенко, го идентификуваше наводниот отров како А-234, кој е развиен од претходната верзија на агенсот А-232 во повеќе држави. Инаку постојат неколку варијанти од агенсот ткн „новичок“, кој се состои од две помалку токсични хемикалии кои во комбинација даваат отров кој е неколкупати посмртонесен од саринот или од VX.

Во врска со ова во саботата Лавров изјави дека „експертите проценуваат дека утврдената висока концентрација на А-234 неизбежно би довела до смртоносен исход, а со оглед на нејзината нестабилност, прашањето за наодите на специјалистите од центарот во градот Шпиц на овој отров во почетната состојба и висока концентрација и чистота е крајно сомнително, бидејќи периодот меѓу труењето и земањето мостри беше доста долг, мислам повеќе од две седмици“, додал Лавров.

„Резултатите од анализите на лабораториите на OPCW на примероци од околината и биомедицинските примероци кои ги собра тимот на организацијата ги потврдуваат заклучоците на Обединетото Кралство кои се однесуваат на видот на токсичната хемикалија употребена Солсбери и која тешко повреди три лица“, се наведува во извештајот на OPCW.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.