Швајцарската претседателка сака референдум за односите со ЕУ

Би било добро да се одржи референдум за односите меѓу Швајцарија и Европската унија, изјави во неделата швајцарската претседателка Дорис Леутар, по заладувањето на односите меѓу Берн и Брисел претходно оваа седмица.

Тензиите во односите со Европската унија, на којашто Швајцарија не е членка, избувнаа во периодот дека Велика Британија преговара со Брисел за нејзиното излегување од блокот и за идните трговски односи со најблиските соседи.

Разговорите за новиот рамковен договор меѓу Швајцарија и ЕУ траат веќе извесно време, а Брисел сака да замени повеќе од стотина билатерални договори кои ги регулираат односите меѓу двете страни.

Меѓутоа, односите оваа седмица се влошија кога ЕУ им одобри на швајцарските берзи само делумен пристап до блокот, на што Швајцарија се закани со одмазднички мерки поради дискриминација.

„Важен е билатералниот пат. Затоа мораме да ги разјасниме нашите односи со Европа. Мораме да знаеме по кој пат одиме. Во таа смисла референдумот би бил корисен“, изјави швајцарската претседателка Дорис Леутар во интервјуто за швајцарскиот весник Sonntag Blick.

Разговорите за рамковниот договор напредуваа во ноември, кога Швајцарија се согласи да ги зголеми уплатите во буџетот на ЕУ. Договорот би ѝ овозможил на Швајцарија да ги усвои законите на ЕУ во замена за полесен пристап на единствениот европски пазар, кој е клучен за швајцарскиот извоз.

Претседателката вели дека некои членки на ЕУ сакат да ја сместат Швајцарија во истата категорија со Велика Британија, додека други сакаат на штета на Швајцарија да ги зајакнат своите финансиски центри. Додава дека го разбира скептицизмот на Швајцарците кон ЕУ, но истакнува дека договор со Унијата, на којашто отпаѓаат речиси две третини од швајцарската трговија, нема алтернатива.

„Можеме да ја зајакнеме соработката со Индија и Кина, но ЕУ останува главна. Потребен ни с механизам и регулирани односи со ЕУ, кои ќе спречат политички игри за што денеска сме сведоци“, вели Леутар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.