петок, 28 јули 2017  |  Вести денес: 43

Свечена академија за Мајка Тереза во МАНУ

kancevska

Последни вести

Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ денеска со свечена академија го одбележа прогласувањето на Мајка Тереза за Светица во Ватикан од страна на папата Франциск, објави МИА.

– Со гордост и благодарност го чествуваме чинот на прогласувањето на Мајка Тереза за светица. Ние, а со нас и целиот свет, ја имаме Мајка Тереза лауреат на престижната Нобелова награда за мир и Мајка Тереза светицата, рече претседателот на МАНУ Таки Фити на свечената академија.

Тој нагласи дека Мајка Тереза според величината, возвишеноста, благородноста и епохалноста на своето дело без сомнение влегува во редот на најмаркантните светски личности на 20. век.

Потсети дека Мајка Тереза во Калкута во 1952 година го отвори првиот Дом за гладни и болни, а таквите домови, како што рече, потоа под нејзиното будно око се множеа насекаде во светот.

– Така нејзиното доброчинство направи светица од неа уште за време на нејзиниот живот, рече Фити и додаде дека Мајка Тереза самата велела оти најтешката болест не е лепрата, туку осаменоста кога некој е сам и заборавен од сите.

Додаде дека според хуманите и величествени дела на големите личности се идентификуваат и стануваат препознатливи цели држави, народи и градови.

– Ние граѓаните на мултикултурна Македонија сме горди на нашата сограѓанка Мајка Тереза, но сме свесни и за фактот дека делата на најголемите личности ги прават граѓани на светот и дека тие подеднакво припаѓаат на целото општество… Длабоките хуманистички пораки од делото и ангажманот на Мајка Тереза денес треба да бидат вткаени во сите сегменти и пори на нашето живеење – во обичниот живот, во науката, културата, во политиката, рече Фити.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека денешната академија е дел од богатата агенда на религиозни, културни и научни настани кои нашите црковни, владини и државни институции ги реализираат во насока на одбележување на големиот историски настан кој, како што рече, ги обедини добронамерниците од целиот свет.

– Денешната академија е настан со кој уште еднаш ги потврдуваме нашите заложби за негување на ликот и делото на големата хуманистка која со својата оставнина не задолжи сите нас, ја задолжи нашата колективна меморија. Слободно можеме да кажеме дека сите ние сме горди наследници на Мајка Тереза и дека имаме историска задача да го продолжиме нејзиното дело, нејзината мисија за мир и љубов на Земјата и единство меѓу народите на светот, рече Канческа Милевска.

Таа потенцира дека Мајка Тереза стана светица и пример за преданото служење на Бога во кој со длабока и неизмерна почит и по нејзиното заминување во вечноста генерациите препознаваат надеж и верба во иднината на човештвото.

– Мајка Тереза стана богатство на нашата современост која му припаѓа на светот, а нејзиниот живот стана уникатно сведоштво за бескрајната пожртвуваност кон другиот човек за возвишената смисла на животот, потенцира Канческа Милевска.

Министерката за култура ги цитираше и зборовите на јапонската универзитетска професорка од Токио, Хироми Кудо која рекла – ако некој сака да го запознае животот на Мајка Тереза, треба да ги посети институциите која таа ги создаде во Индија, но ако некој сака да ја запознае нејзината душа тогаш треба да дојде во Скопје.

– Токму затоа една од заложбите на Владата и Министерството за култура во сите овие изминати години беше на достоен начин да оддадеме почит кон делото на Мајка Тереза, да сториме се што можеме да го сочуваме нејзиното наследство за идните генерации, рече Канческа-Милевска.

Тоа, како што потенцира, била и главната причина да се изгради Спомен домот на Мајка Тереза кој во последните години го посетиле преку 800 илјади посетители од целиот свет. Во спомен на Мајка Тереза биле организирани и многу изложби, проекции на документарни филмови, архивски документи, фотографии…

– Владата со името на Мајка Тереза именува и значајни институции во државата, а на многу објекти низ Скопје се поставија и табли на кои се испишани нејзини размисли кои се поуки за сите нас, за сите генерации, рече Канческа-Милевска.

Додаде дека наскоро ќе биде изграден уште еден паметник на блажената Мајка Тереза – скулптурална композиција која ќе потсетува на животот на големата хуманистка.

– Не можеме сите да правиме големи работи, но можеме да правиме мали работи со голема љубов. Тоа беше максимата на Мајка Тереза. Затоа посакувам делата на љубовта на Мајка Тереза да продолжат, да продолжиме да ги поттикнуваме нашите најубави хумани и духовни вредности, покажувајќи со личен пример на саможртвување што значат милосрдието и човекољубието, онака како што тоа го чинеше светата Мајка Тереза, потенцира  Канческа-Милевска.

Скопскиот бискуп и апостолски егзарх, монсињор Киро Стојанов рече дека му претставува сообена радост и голема чест да говори за, како што рече, најголемата жена од нашиот град,  најголема не само затоа што досега е единствена добитничка на Нобеловата награда за  мир, туку и универзална светица на Католичката црква родена во Скопје.

– Кога Католичката црква под многу строги критериуми ќе одлучи да прогласи некого за свет, тоа не го прави за да го негира милијардитото мноштво, туку за да поттикне на следење на оние кои со својот пример оставиле печат. Таква е и нашата сограѓанка Мајка Тереза. Таа во еден од најсиромашните краеви во светот засветила, би се осмелил да кажам, дури како сонце кое не познава залез. Не била врзана за нашите граници, култура, јазик, нација, социјален статус, туку се издигнала над сето тоа премостувајќи ги сите тие категории за да ја пренесе главната порака низ дела, а не само со збор – човече ти си човек, рече монсињор Стојанов.

Тој потенцира дека кога Мајка Тереза на улиците на Калкута ги собирала оние кои биле на умирање била свесна дека нема да ги спаси од смртта, дури ни од болеста, но, како што рече, ќе ги измиела, ќе ги прегрнела и ќе им шепотела за да умрат достоинствено како луѓе.

– Најголема светост е да се биде човек на човека надминувајќи ги сите ограничувања. Таквата херојска љубов не познава граници, не и е позната омразата, не знае што е одмазда, ниту што е себичност. Знае само едно – да му помогне на човекот да биде човек, рече Стојанов.

На свечената академија во МАНУ студенти од Музичката академија во Скопје изведоа повеќе класични дела во чест на светицата од Скопје.

Најчитани вести