Македонија

Свечена изјава на јавните обвинители на Катица Јанева

Свечена изјава на јавните обвинители на Катица Јанева

Свечена изјава денес треба да дадат 12-те јавни обвинители кои ќе и помагаат на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Како што соопшти претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски, петтемина обвинители кои беа изгласани вчера, заедно со седум обвинители избрани на 14 октомври, денеска во 11 часот во просториите на Советот ќе дадат заклетва за своето учество во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно Специјалното обвинителство.

Советот вчера едногласно ги избра обвинителите: Гаврил Бубевски, Ленче Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, сите од Основното јавното обвинителство-Скопје, како и Лиле Стефанова од Јавното обвинителство за гонење кривични дела од областа на корупцијата и организираниот криминал. Тие им се придружуват на седумте обвинители избрани претходно: Бурим Рустени, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.

Аневски по седницата на Советот изјави дека петтемина со кои се дополнува Специјалното обвинителство биле предложени од Катица Јанева која во текот на денот поднела предлог и повторно барање за докомплетирање на нејзиниот тим со избор на јавни обвинители. Предложила пет наместо првично бараните седум обвинители.

Овојпат побара да бидат избрани пет јавни обвинители и со одредени дополнувања и појаснувања кои за Советот беа прифатливи и заради тоа одлучивме да ја прошириме систематизацијата за пет јавнообвинителски места, изјави Аневски.

Додаде дека Советот едногласно ги изгласал, а на новиннарско прашање што ги премислило, одговори дека не се премислиле, туку одлуката следувала по повеќе средби со Јанева.

Има писмо со објаснети детали во кои кажува дека оние лица кои учествувале во работење на одредени предмети претходно во ОЈО и, евентуално, доколку се појават конфликт на интереси, тие веднаш да бидат заменети со други јавни обвинители. Има наведено повеќе точки и тие за Советот беа прифатливи, рече Аневски.