Свечена заклетва на 400 нови полициски службеници

Во Центарот за обука во Идризово, со чинот на положување свечена заклетва, беа промовирани 400-тината нови полициски службеници од генерацијата 2014/2015 година.

Новите полициски службеници во изминатите 12 месеци, по ригорозната селекција од јавниот оглас објавен минатата есен, ја завршија едногодишната обука и сега како полициски службеници ќе бидат распоредени во различни организациони единици при МВР.

Како што истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето поздравно обраќање до новите полициски службеници, особено е импозантен фактот што оваа едногодишна обука е завршена со среден просек од 91,27 проценти што е резултат на одличната селекција, како и професионалната заложба и посветеност на сите инволвирани во Центарот за обука.

Знаењата и вештините кои ги стекнавте во изминатава година и во училница и на терен, им порача таа, очекувам уште веднаш да ги применувате во организациските единици каде што ќе бидете распоредени и да бидете потпора на вашите поискусни колеги.

– Од вас се очекува пожртвуваност и посветеност на работата. Од вас се очекува отвореност и одговорност. Од вас се очекува чесност и хуманост. Од вас се очекува професионалност и ефикасност. Од вас ќе зависи борбата со сите предизвици и сите видови на криминал со кои се соочуваат нашите граѓани. Од вас ќе зависи подобрувањето на безбедноста во сообраќајот, но и обезбедувањето на државните граници, и справувањето со огромниот притисок создаден од илегалните мигранти кои бегајќи од кризните региони, преку нашата земја трагаат по подобар живот во побогатите земји членки на Европската Унија, рече Јанкулоска.

Таа истакна дека со нивното вработување во МВР во залог ги добиваат сите успеси постигнати во минатото и сиот углед на полициската униформа кој го стекнале генерациите пред нив.

– Терористичките напади во Париз, покажаа дека ниедна земја, без разлика на големината, традицијата или опременоста на безбедносните сили, не може да смета дека е имуна и отпорна на овие закани. Напротив, радикалните движења претставуваат глобална закана и за да ги заштитиме нашите граѓани, мора да бидеме постојано претпазливи и будни и да го вложиме сопствениот максимум, да направиме се што е во наша моќ таквите сцени да не сe повторат, нагласи министерката Јанкулоска.

Откако ОБСЕ во 2004 година започна да ја мери довербата и почитта кон полицијата од граѓаните во нивната заедница, потсети Јанкулоска, таа се покачи од 41 отсто во 2004 година на над 64 проценти во 2014,  што е далеку над просекот во земјите членки на ЕУ кој според Еуробарометар изнесува околу 42 проценти. Факторите кои влијаат на степенот на доверба, подвлече, се ефективноста во полициското работење, фер односот и споделувањето на исти вредности и интереси со граѓаните, како и силната посветеност на заедницата.

– Вие најдобро знаете дека само најдобрите и најподготвените успеаја да ги минат сите скалила. Во изминативе 12 месеци беше оценуван секој ваш чекор, почнувајќи од редовноста, дисциплината па се до физичката подготвеност и стекнатите знаења. Средниот успех со кој ја совладавте обуката е 91,27 проценти, што е резултат на одличната селекција како и професионалната заложба и посветеност на сите инволвирани во Центарот за обука. Затоа од вас и во иднина очекуваме да го дадете вашиот максимум, рече меѓу другото Јанкулоска.

Таа изрази  и задоволство што 20 процнти од сите што ги исполнија ригорозните критериуми се жени, но и што етничката структура на оваа генерација на полициски службеници го одразува етничкиот состав во Република Македонија.

– Граѓаните во Вас ќе гледаат гарант за сопствената безбедност. Нешто што не смее да го изневерите. Сите од Вас очекуваме доследно почитување на нашата политика на „нулта толеранција кон криминалот и корупцијата“. Како Ваши претпоставени ќе внимаваме на секој ваш професионален чекор и нема да толерираме никакво непочитување на професионалните стандарди или селективност во постапувањето, бидејќи сите граѓани мора да бидат еднакви пред законот и законот мора да биде еднаков за сите, им порача министерката за внатрешни работи на новите полициски службеници.