Свечена заклетва на февруарската класа војници на доброволно служење воен рок

Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, во присуство на министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, како и заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, свечена заклетва дадоа граѓаните кои се на доброволно служење воен рок во класата февруари 2014 година.

По тој повод, министерот Џафери посочи дека законските измени кои се направени во однос на професионалните војници и нивниот ангажман во државните институции по навршувањето на 45-тата година, ќе бидат мотив плус за граѓаните да се пријавуваат на доброволно служење воен рок, имајќи предвид дека токму отслужениот воен рок е критериум за пријавување на огласот за прием на професионални војници.

Во својот говор, министерот Џафери, обраќајќи им се на присутните, потсети за значењето на војничкиот позив, како и за значењето на професионализацијата на нашата армија. Честитајќи им ја свечената заклетва, тој нагласи дека заклетвата е чин со кој тие се  обврзуваат да го чуваат и бранат територијалниот интегритет и суверенитет на државата и да му служат на народот.

Но министерот посебно го нагласи фактот дека во АРМ служат заеднички припадници на сите етнички заедници од Република Македонија, а застапени се и припадничките од женски пол. „Особено ми е драго што 13 припадници се од понежниот пол, кои цврсто се решени да ги надминат традиционалните стереотипи дека војничкиот позив е само машка работа. Ги охрабрувам припадничките на понежниот пол во иднина да ги има сè повеќе затоа што ние создаваме и ќе продолжиме да создаваме услови да ги има сè повеќе во Армијата“, додаде министерот Џафери.

 Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Љупчо Костовски, во своето обраќање до војниците кои ја даваат свечената заклетва укажа на сите предизвиците кои стојат пред нив во наредниот период. Тој нагласи дека од нив очекува со нивното дисциплинирано однесување да бидат пример за градење цврсти меѓучовечки и меѓунационални односи. „Различноста и  традицијата се нашето богатство кое нè одржува заедно со векови и треба да се почитува и негува. Армијата на Република Македонија е заедничка вооружена сила на сите граѓани и во неа нема места за  каква било национална, партиска или верска подвоеност“, изјави командантот Костоски.

Обуката со новите 208 војници од дваесет и втората генерација на доброволно служење на воениот рок, во наредните три месеци ќе ја спроведуваат искусни инструктори од Центарот за индивидуална обука, кој е дел од Командата за обука и доктрини.