Македонија

Свечено испраќање на контингент на АРМ во мисијата ИСАФ во Авганистан

Свечено испраќање на контингент на АРМ во мисијата ИСАФ во Авганистан

Во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово денеска се одржа свеченост по повод испраќање на контингент на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1мпбр), кој ќе биде дел од мировната мисија ИСАФ во Авганистан.

Во своето обраќање до мировниците, министерот за одбрана Талат Џафери истакна дека е убеден во подготвеноста на контигентот за претстојната мисија, нагласувајќи дека мисијата и на овој контингент останува непроменета, посочувајќи дека задачата на припадниците на АРМ во мисијата ИСАФ е како наши најдобри амбасадори на мирот, да дадат придонес во зачувувањето и унапредувањето на мирот и стабилноста во Авганистан. Укажувајќи на фактот за високото вреднување и нашироко признатото учество на Република Македонија во меѓународните операции, Министерот Џафери нагласи дека со учеството во мировните операции, покажавме и докажавме дека сме одговорен член на меѓународната заедница кој обезбедува значаен и вреден придонес кон градењето на мирот и стабилноста во Евроатланскиот регион и пошироко.

Началникот наГенералштабот на АРМ, генерал потполковник Горанчо Котески истакна дека главната придобивка од извршувањето на задачите во мисијата ИСАФ, претставува фактот што Македонија и АРМ делуваат како полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со сите партнери, заради што во изминатите години постанавме ценет и посакуван партнер, со што на најдобар начин ја покажавме посветеноста на државата кон регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.

Генералот Котески нагласи дека со овој контингент ќе се достигне бројката од 3000 припадници на АРМ кои учествувале во мисиите надвор од Република Македонија, што значи една третина од нејзиниот состав со искуство од вакви мисии, при што тој од припадниците на контингентот побара почитување на принципите и начелата во командувањето, одговорност, професионалност и храброст за време на извршувањето на задачите во мисијата ИСАФ.

На свеченоста покрај министерот Џафери и началникот на ГШ на АРМ Котески, присуствуваа заменик-началникот на ГШ на АРМ, Државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски, Директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски, претставници од МО и ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на припадниците од контингентот и други гости.

Во шеснаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 150 припадници на 1. мпбр кои заедно со најстариот национален претставник ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.