Свечено одбележан патрониот празник во Општина Илинден

Со општонароден собир под мотото „Со Илинден традицијата продолжува“ и „Илинденски етно фест“, Општина Илинден го заокружи одбележувањето на Денот на Општината „Илинден 2-ри Август“ и националниот празник на македонскиот народ.

Централната манифестација по повод патрониот празник и годинава Општина Илинден со поддршка на Македонската православна црква ја организираше во манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓија“, во Дељадровци.

a1

 

За прв пат во рамките на одбележувањето на Денот на Општината беше организиран „Илинденски етно фест“, фестивал на традиционални  македонски песни со нови аранжмани во исполнение на ѕвездите на македонската естрада.

Неколку илјади граѓани имаа ретка можност да уживаат во прекрасниот амбиент и звуците на изворната македонска песна интерпретирана од Виолета Томовска, Атина Апостолова, Сузана Спасовска, Круме Спасовски, Мишко Крстевски…или, вкупно 16 реномирани естрадни уметници чиј настап беше проследен со бурни аплаузи.

Централната манифестација почна со положување свежо цвеќе на гробот на  Владиката полошко-кумановски г.Кирил кој е погребан токму во овој манастирски комплекс. Веднаш потоа следуваше обраќање до присутните на градоначалникот Жика Стојановски и претседателот на Советот, Марјан Молошевски.

a2

Градоначалникот Стојановски истакна дека Општина Илинден стана успешна инвеститорска дестинација која со секој нов ден создава услови за влез на нови инвестиции, благодарејќи на кои е намалена невработеноста во општината далеку под 20 проценти.

Во знак на благодарност за учеството на првиот  „Илинденски етно фест“, за кој постои огромна желба да прерасне во традиција, градоначалникот Стојановски на сите учесници на фестивалот им додели посебни плакети.