Свеченост за 20-годишниот јубилеј на Полкот за специјални операции

Со пригодна свеченост  утре во касарната ,,Илинден“ во ќе се одбележи  денот на Полкот за специјални операции (пСО) и  Јубилејот ,,20 години сили за специјални операции“.

На свеченоста ќе присуствуваат: Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Заменикот на министерот за одбрана Емил Димитриев, високи претставници од МО, командантите на  потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа од општините и градот Скопје и други високи гости.

На 1-ви март 1994 година е формиран баталјонот за специјални намени, кој беше основната единица при формирањето на одредот за специјални намени, кој подоцна се трансформира во пСО. Пред 20 години, со формирањето на оваа единица, АРМ ја започна професионализацијата, а во составот на пСО од неговото формирање до денес, се наоѓаат само професионални војници. Кандидатите за прием во пСО, подлегнуваат на исклучително ригорозни критериуми на селекција, со кои од нив се бара висок степен на психофизичка подготвеност, како за старешините, така и за професионалните војници. Во изминативе 20 години, припадниците на најелитната единица на АРМ, создадоа препознатлив имиџ на единицата, која се стекна со  висок рејтинг, како во Република Македонија, така и во меѓународни рамки. Тие, во изминатите две децении постигнаа врвни резултати на полето на стручно-специјалистичката обука, а беа високо оценети и одликувани за петгодишното учество во мисијата ,,Слобода за Ирак“ во Ирак и за учеството во наменските сили ,,Феникс“ во мисијата ИСАФ во Авганистан.

Основната мисија на пСО е изведување на специјални операции во мирновремени и во услови на конфликт, борба против тероризмот и други дополнителни активности. Покрај ова, една од задачите на пСО како дел од декларираните сили на АРМ, е учество во меѓународни операции за поддршка на мирот, како и превенција и справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, ООН и ЕУ.