Сведоштво на Таксистот: Еве што се случувало во возилото пред нападите на Завентем

Белгиските медиуми денес го пренесуваат сведоштвото на таксистот кој ги пренел напаѓачите од Брисел до аеродромот Завентем.

Благодарение токму на неговите информации полицијата го најде скривалиштето на терористите во населбата Скарбек. Оттаму тие се качиле во такси возилото што го повикале само неколку минути пред тоа. Телевизијата ДХ денес пренесува детали за однесувањето на таксистот и за тоа како изгледале последните моменти од возењето додека ги пренесувал напаѓачите од Скарбек до аеродромот Завентем во вторникот.

Таксистот предложил да го земе багажот и да го стави во багажникот, што е вообичаено, но тие одбиле и побарале сами да го стават багажот, во којшто според истрагата, биле сместени експлозивните направи што експлодираа во Завентем.

Додека возел, таксистот почувствувал необичен мирис во возилото. Мирис на амонјак, како што вели, што го загрижило додека возел. Тој се сеќава дека луѓето облечени во црно речиси и да не говореле и биле мошне тивки.

Само човекот со шапка и со светло палто (оној што е забележан на снимките од безбедносните камери и по кого полицијата трага) разговарал со возачот. Тој го насочил разговорот кон… Американците! Тој понатаму го искажал својот гнев кон САД, прии што наведувал примери за САД што не му се допаѓаат. Ова е мошне интересен аспект на разговорот ако се знае дека голем број Американци беа на мета за време на нападот на аеродромот.

На аеродромот, таксистот забележал и бели траги на багажот на тројцата клиенти. Тој се вратил во звоето возило, а потоа качил уште еден патник. За време на ова возење слушнал за експлозиите на аеродромот Завентем. Возачот веднаш ги поврзал нападите со претходните патници. Тој прво смирено го превел патникот, а потоа се упатил до најблиската полициска станица.

По ова им ги соопштил информациите во полицијата. Токму тој ја дал клучната адреса во Скарбег, но и бројот на торбите што ги пренел, по што полицијата сфатила дека има уште торби што не експлодирале на аеродромот. По ова полицијата успеала да ја лоцира третата бомба на аеродромот, веднаш по нападот.

Во текот на вчерашниот ден таксистот поминал долго време во полиција. Неговото возило во моментов е во полиција и се врши истрага.