Шведска: Локациите на бегалските центри ќе се чуваат во тајност

Локациите на бегалските центри во Шведска, од денес ќе се чуваат во тајност. За ова информира денес шведската агенција за имиграција, откако претходно во земјата дојде до 20-тина пожари, од кои голем дел биле подметнати, а во целост биле уништени или онеспособени голем број вакви центри.

Портпаролката на Агенцијата Јохана Ур изјави дека локациите на таквите центри во иднина „некако ќе се држат во тајност“, а сеуште не е одлучено на кој начин ќе се спроведува тоа, пренесува Танјуг, повикувајќи се на АП.

Во последните беколку недели во Шведска избувнаа неколку пожари во центрите за баратели на азил или во зградите што требало да се користат со таа намена, по големиот бран бегалци од Блискиот Исток.

Според шведските власти, се проценува дека во земјата до крајот на годината ќе пристигнат околу 190.000 бегалци. Инаку, Шведска по бројот на прифатени бегалци во ЕУ е веднаш зад Германија.

Агенцијата за имиграција минатата недела рече дека идејата на една шведска општина да ги држи во тајност локациите на бегалските кампови е нереална, но го промени мислењето, откако утрово избија два нови пожари во тие згради.