Шведскиот суд ја потврди наредбата за притвор на Асанж

Судот во Шведска ја потврди наредбата за притвор на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

Шведските власти распишаа потерница по 44-годишниот Асанж, поради обвинението за силување во 2010 година, кое тој го отфрла.

– Стокхолмскиот окружен суд смета дека се уште има основа за сомневање против Џулијан Асанж за силување и други помали нарушувања на законот и се уште има ризик тој да го избегне судењето или казнувањето, се вели во соопштението на Судот.

На 19 јуни 2012 година основачот на Викиликс побара азил во Амбасадата на Еквадор во Лондон, за да ја избегне екстрадацијата во Шведска.

Асанж тврди дека обвиненијата против него за силувања и други сексуални злосторства се политички мотивирани и стравува дека од Шведска може да биде екстрадиран во САД, каде против него се води кривична истрага за активностите поврзани со Викиликс.

Во 2010 година Викиликс објави над 90 илјади доверливи докименти на САД за воената кампања во Авганистан, по кои следеа други 400 илјади за операциите во Ирак. Освен тоа сајтот објави и милиони дипломатски преписки, од кои некои датираа од 1973 година.