Без струја цело Порторико по ураганот Марија

Ураганот Марија го прекина снабдувањето со електрична енергија во цело Порторико на коешто живеат три ипол милиони жители, пренесува BBC повикувајќи се на службениците на итните служби.

Ниеден од потрошувачите на порториканската електроенергетска компанија нема струја, изјавил шефот на агенцијата за управување со вонредни ситуации, Абнер Гомез.

„Информациите коишто ги примаме не се охрабрувачки“, изјавил Гомез на прес-конференција притоа повикувајќи го населението да остане во своите домови. Ураганот уништил „сѐ што му се најде на патот“, додал.

Градоначалничката на порториканската престолнина Сан Хуан, Кармен Јулин Круз, изјавила дека ураганот му нанел големи штети на острово, дека уништувањето е „речиси потполно“.

„Многу делови од Сан Хуан се целосно поплавени. Животот каков што го познаваме се промени“, истакнала Круз.

Со ветрови на бура и обилни дождови ураганот Марија го зафати во средата Порторико, откако ги мина Американските Девствени острови и усмрти најмалку две лица на француските Антили.

Кусо пред тоа, гувернерот на Порторико, Рикардо Росело, побара од американскиот претседател Доналд Трамп да прогласи вонредна состојба на островот.

„Ова е најстрашната бура на векот или дури од модерната историја.., којзнае какви сѐ ќе бидат штетите“, изјавил Росело за американската телевизиска мрежа CNN.

Марија е 13-та бура оваа година на Атлантикот, седми ураган оваа сезона и четврти голем ураган посилен од 3-та категорија, по Харви, Ирма и Хозе. Сите овие податоци се над просекот за типичната сезона, којашто во моментов е околу половината.