Екс израелскиот премиер Олмерт порано ослободен од затвор

Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт, осуден за корупција ослободен е од затвор откако комисијата којашто одлучува за условно пуштање на слобода за третина му ја намали казната, соопштија во неделата израелските медиуми.

Седумдесет и едногодишниот Ехуд Олмерт го напуштил затворот во Маасија недалеку од Тел Авив во неделата рано утрото, откако таму мина 16 месеци, јави израелската државна телевизија.

Олмерт беше принуден да поднесе оставка на премиерската должност во 2008 година, во потегот за кој многу аналитичари сметаат дека го поткопал блискоисточниот мировен процес кој беше во тек, поради обвинувањата дека примал мито и ја попречувал правдата во скандалот околу недвижнини. Станува збор за контроверзниот проект за градење населби од времето додека сѐ уште ја извршувал должноста градоначалник на Ерусалим од 1993 до 2003 година.

Олмер започна со отслужувањето на затворската казна од 19 месеци во февруари 2006 година, а таа подоцна му беше зголемена на 27 месеци. Тој е првиот премиер во историјата на Државата Израел кој отслужил затворска казна.

Поради срцеви проблеми беше префрлен во затворска болница на 20 јуни годинава.