Европска Унија: Што и како понатаму?

Шефовите на државите и владите на земјите членки на Европската Унија, вчеравечер, во Брисел се состанаа за да разгледаат што Унијата понатаму мора да преземе врз основа на исходот од изборите за Европски парламент, јавуваат светските новински агенции пренесува Нетпрес.

Шефовите на државите членки на ЕУ, на одржаната средба ги разгледале рамките на прашањата за избор на нов претседател на Европската комисија, соопшти Ван Ромпуј, кој додаде дека тој за тоа ќе направи консултации со првите луѓе на политичките групи во Европскиот Парламент, веднаш штом тие ќе бидат формирани. На средбата не станало збор за кандидатите за челници на Европската комисија.

Зацврстувањето на секторот на слободата, безбедноста и правдата е од клучна важност, заедно со битката против илегалната имиграција, криминалот и проневерите, навел претседателот на Европскиот совет.

Ван Ромпуј додал дека заклучок на лидерите на ЕУ е дека мора да се зајакне и дипломатското дејствување и службата на Унијата, како во линија со институциите така и во тесна соработка со владите на ЕУ.

ЕУ институциите мораат да работат единствено на постигнување на тие цели, а тоа бара заеднички договор што е најдобро да се работи на ниво на Унијата и на национални нивоа.

За таа стратешка програма лидерите на ЕУ на европската дваесетиосумка ќе продолжат да расправаат во јуни. Шест земји веќе ги дале своите предлози, а ќе биде составен и конечен предлог за разгледување на јунскиот самит на Унијата, заклучил Ван Ромпуј.

„Нам ни е потребна економска и монетарна унија која е развиена и добро дејствува, сочувување на единството на Унијата како целина, силен одговор на предизвиците на климатските промени и одлучно поместување на енергетската унија“, ги пренесе претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј заклучоците од неформалната средба на лидерите на ЕУ.

„И“, додаде тој,„за ЕУ е нужно да оди кон помала енергетска зависност“.

Водачите на ЕУ се согласиле дека Унијата која излегува од кризата мора да има позитивен програм за економски раст, конкуретност и вработување и да е ориентиран кон иднината.