Ирачки генерал се надева дека во мај џихадистите ќе бидат протерани од Мосул

Началникот на ирачкиот главен воен штаб се надева дека во мај ќе се успее од вториот по големина град во земјата Мосул да бидат протерани припадници на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава и покрај отпорот што го даваат џихадистите во густо населениот стар дел од градот.

Битката би требало да заврши за „максимално три седмици“, изјави началникот н аглавниот штаб, генералот Отман ал-Ганми, пренесе во неделата државниот дневен весник al-Sabah.

Мосул е најголемиот град на северот од Ирак, кој во рацете на Исламската држава падна во ненадејната офанзива од јуни 2014 година, кога џихадистите освоија големи територии од ирачката и сириската територија на кои го прогласи својот „калифат“.

Исламската држава загуби поголем дел од градските населби од почетокот од офанзивата на ирачката војска помогната на копно од шиитската милиција, а од воздух од меѓународната коалиција предводена од САД. Опколени се северозападните квартови, вклучително и историскиот, стариот дел од градот.

Обединетите нации сметаат дека во квартовите од Мосул под контрола на џиадистите уште има околу половина милиони жители. Околу 400.000 се во областа на стариот град со многу малку вода за пиење и грана, и без пристап до медицинска помош.