Јилдерим: Референдумот за независност е закана за националната безбедност на Турција

Референдумот за независност на автономната покраина ирачки Курдистан кој и покрај меѓународните апели е закажан за следниот викенд, претставува закана за националната бебедност на Турција, изјави ноќта кон неделата турскиот премиер Бинали Јилдерим.

„Референдумот за независност, што го планира раководството на ирачки Курдистан, ја засега националната безбедност на нашата земја. И никој не треба да се сомнева дека ќе ги преземеме сите неопходни чекори во врска со него“, изјави турскиот премиер.

Парламентот на автономниот ирачки регион во саботата го одобри планот за спроведување на референдумот за независност, закажан за 25-ти септември, пренебрегнувајќи ги отпорот на ирачките централни власти, на Иран и на Турција, како и стравувањата на САД и западните држави дека гласањето ќе доведе до нови конфликти во регионот и ќе го сврти вниманието од борбата против Исламската држава.

Турското Министерство за надворешни работи го повика германскиот амбасадор во Анкара за да му ја искаже својата загриженост од неодамнешните демонстрации на Курдите во Келн, пренесоа британските медиуми.

„Го осудуваме организирањето на митингот во германскиот град Келн од филијали на терористичката организација PKK и дозволувањето на терористичката пропаганда. Својата реакција ја изразивме на многу строг начин пред германскиот амбасадор во Анкара, кој беше повикан во министерството“, соопшти турското министерство.

Коминикето веројатно пледира на протестот од 3-ти септември, кога околу 25.000 Курди во Келн протестираа против турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.