Кина ги обвини САД за тешко нарушување на нејзиниот суверенитет

© Flickr / U.S. 6th Fleet

Кинеските воени бродови и борбени авиони го пресретнаа американскиот разурнувач USS Stethem која навлезе во водите на спорните острови Ксиша (Параселските острови) во Јужнокинеското Море, кои Пекинг ги смета за своја територија, соопшти кинеското министерство за надворешни работи обвинувајќи ги САД за нарушување на кинескиот суверенитет.

„На втори јули американскиот разурнувач USS Stethem неовластено и без одобрение влезе во акваториумот на кинеските острови Ксиша. Кина веднаш испрати воени бродови и борбени авиони за да го предупредат американскиот брод и да го принудат да ги напушти нејзините територијални води“, се наведува во писмената изјава на портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Лу Кан, објавена на интернет страницата на министерството.

Кина упати остар протест во врска со активностите на американската страна и го квалификуваше влегувањето на американскиот разурнувач во водите на спорните острови „сериозна политичка и воена провокација“, којашто претставува закана за инфраструктурата и персоналот на Ксиша.

„Островите Ксиша се исконска кинеска територија. САД под превезот на ‘слободата на пловидбата’ уште еднаш испратија воен брод кој самоволно навлезе во водите на кинеските острови Ксиша, нарушувајќи ги кинеските закони и соодветните норми од меѓународното право, грубо повредувајќи го суверенитетот на Кина, поткопувајќи ги мирот, безбедноста и поредокот во овие води“, истакнуваат од кинеското министерство за надворешни работи повикувајќи ги САД да престанат со сличните активности.

Од американскиот Стејт департмент, коментирајќи ја изјавата на кинеската дипломатија, изјавија дека САД ќе дејствуваат во рамките на меѓународното право.

„Соединетите држави ќе летаат, пловат и дејствуваат секаде каде што тоа го дозволува меѓународното право“, одговориле од Стејт департентот додавајќи дека Вашингтон ќе продолжи да го користи правото на „слободна пловидба“ во Јужнокинеското Море.

Американските воени бродови редовно навлегуваат во спорните територијални води, а Кина редовно упатува остри демарши. Во Белата куќа претходно изјавија дека ваквите активности имаат цел да ја заштитат слободната пловидба во споменатиот регион.

Меѓу Кина, од една страна, и американските регионални сојузници Јапонија, Виетнам, Филипини, од друга страна постои спор во врска со поморските граници и зоните на полагање право во Јужното и Источнокинеското Море, низ кои се одвива поморски товарен сообраќај во износ од 5 билиони долари годишно. Кина архипелазите Ксиша и Нанша (Спартли), на кои претензии имаат и другите земји, ги смета за свои територии и предупреди дека нејзините активности на островите и околните води се целосно легални и потпаѓаат под кинескиот суверенитет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.