Мајсторот на боречките вештини Батулга победник на претседателските избори во Монголија

Популистичкиот кандидат, деловен човек и поранешна ѕвезда на боречките вештини Калтмаа Батулга е победник на претседателските избори во Монголија во вториот круг, соопшти во саботата изборната комисија.

Изборите беа сметани за своевиден референдум за планот за економско закрепнување на актуелната монголска влада, како и за улогата на соседна Кина во Монголија, којашто нема море, но затоа има големи рудни ресурси.

Кандидатот на опозициската Демократска партија, Калтмаа Батулга добил 50,6 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори на кои одѕивот на гласачите изнесувал 60,9 отсто.

Неговиот противник, актуелниот претседател на парламентот и кандидат на Партијата на монголскиот народ, Мијеегомбо Енкболдо добил 42,2 отсто од гласовите.

Во гласачките кутии биле ставени речиси 100.000 празни гласачки ливчиња во знак на протест против предложените кандидати. Вториот изборен круг во петокот беше организиран откако во првиот круг на 26 јуни немаше победник.

Батулга се прослави како мајстор на боречките вештини, а денес поседува деловно царство во чии рамки се хотел, забавен парк наречен „Џингис кан“ и прехранбени компании.

Како и неговиот противкандидат Енкболдо, и Батулга го следат скандали коишто целосно ја засенија кампањата пред првиот изборен круг. Батулга е осомничен дека во странство има банкарски сметки, а Енкболдо, кој се претставуваше како скромен одгледувач на коњи, е обвинет дека со продажба на работни места во јавниот сектор направил богатство од 20 милиони евра.

Ваквата дебата во втор план ја стави целата расправа за економијата, и тоа во период кога Монголија е заглавена во сиромаштија и покрај нејзиното рудно богатство.

Некои од инвеститорите загрижено го очекуваат мандатот на Батулга, бидејќи во кампањата се залагапше за поголема државна контрола над експлоатацијата на рудниците и бидејќи изразува сомневања кон Кина којашто е најголемиот трговски партнер на Монголија.

Батулга ги привлече гласачите кои сметаат дека Монголија има лоши трговски договори со странските компании, и со ветувањата за поголема контрола на владата над стратешките рудници, како што е рудникот за бакар „Пју Толгои“, кој го експлоатира австралиско-британскиот концерн „Rio Tinto“, водечката рударска компанија во светски рамки.

Монголија е парламентарна демократија. Владаа ја води премиерот, меѓутоа претседателот има овластувања да стави вет на законите и ги именува судиите.