Макрон вети длабоки промени во Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон ги претстави приоритетите на својот петгодишен мандат ветувајќи „длабоки промени“ вклучително и намалување на бројот на пратениците за третина, во свечениот говор на заедничката седница на долниот и на горниот дом од францускиот парламент одржана во понеделникот во кралскиот дворец Версај.

„Мораме да спроведеме вистинска револуција“, порача францускиот претседател Емануел Макрон ветувајќи дека ќе ѝ го врати достоинството на Франција.

Реформи на институциите, јакнење на борбата против тероризмот, реформи на законот за азил, „пакт“ за децентрализација“, „будење на желбата за Европа“, се некои од неговите главни ветувања за идните пет години.

Макрон предложи намалување на бројот на пратениците и на сенаторите, кои сега ги има 577 односно 348. Сака, исто така, да го измени и зборниот систем во земјата воведувајќи „доза на пропорционалност“ за „сите опции да бидат праведно застапени“.

„Помалуброен но посилен парламент… парламент кој подобро работи“, рече Макрон заземајќи се за „дејствување“ и „ефикасност“ на сите нивоа од власт.

Реформата на институциите има намера да ја заврши во рок од една година, доколку биде потребно и преку референдум.

Во атмосферата на јакнење на скептицизмот кон Европската унија, Макрон сака „да се врати на оригиналната европска идеја“. „Деценијата којашто штотуку завршува беше свирепа за Европа. Решававме кризи, но ја загубивме насоката“, рече.

Макрон, исто така, потврди дека вонредната состојба во земјата, воведена веднаш по терористичките напади во Париз од 13 ноември 2015 година, оваа есен ќе биде укината.

Борбата против исламскиот тероризам, кој во Франција од почетокот на 2015 година однесе над 230 живот, не може да значи кастрење на слободите, рече Макрон, ветувајќи дека новите мерки з броба против тероризмот, предвидени по укинувањето на вонредната состојба, ќе се спроведуваат под судски надзор.

Новите мерки „мора да бидат насочени исклучително против терористите и да ги исклучуваат сите други француски граѓани“, рече претседателот.

Макрон е третиот француски претседател кој им се обрати на пратениците во дворецот Версај. Неговиот претходник социјалистот Франсоа Оланд тоа го стори три дена по нападот од 13 ноември 2015-та, а, пак, неговиот претходник конзервативец Никола Саркози тоа го стори во јули 2009 година.

Заедничката седница на парламентот ја бојкотира пратениците на радикалната левица Непокорна Франција и комунистите, критикувајќи ја како „монархистичка“.

Пратениците на двата дома на парламентот обично се свикуваат само во време на национална криза, но Макрон ваквите говори планира да го одржува секоја година, наместо традиционалното телевизиско интервју на 14 јули на празникот Денот на падот на Бастија.

Макрон својот говор го одржа ден пред неговиот премиер Едуар Филип да ја претстави владината програма во парламентот.