„Нафтогаз“ предупредува на можноста за враќање на рускиот гас и нафта

Украина до 2030 година би можела да го обнови купувањето на руските природен гас и нафта доколку во земјата не се воспостави одржлив енергетски развој, изјави комерцијалниот директор на енергетската компанија „Нафтогаз“, Јуриј Витренко.

„Постои ризик сѐ да се врати на старо и до 2030 година Украина повторно да почне да купува руски гас и нафта“, изјавува Витренко во разговорот за украинскиот дневен весник Новое Времја.

Според него, таквиот развој на настаните е можен поради недостиг од систем за одржлив енергетски и економски развој во Украина.

„Доколку не постои систем за одржлив развој, се враќа постариот, поодржливиот, а во нашиот случја тоа е олигархискиот систем и тоа, за жал, е основното сценарио. Многу малку земји се извлекле од таквиот модел“, вели Витренко.

Украина прекина да купува гас од Русија во ноември 2015 година и од тогаш го купува на поскапите европски пазари. Тој потег Киев го објасни со поповолна цена, меѓутоа подоцна главната државна енергетска компанија „Нафтогаз“ сепак призна дека рускиот енергетски гигант „Газпром“ му понудил на Киев поповолни цени од европските добавувачи.

Во моментов основните резерви на гас во Украина се увезуваат од Полска, Унгарија и Словачка, но во Русија истакнуваат дека всушност станува збор за гас кој на овие земји им го продава „Газпром“, а тие ѝ го испорачуваат на Украина.