Нов Зеланд погоден од голема снежна бура

(File photo by Reuters)

Снежна зимска бура го погоди во четвртокот Нов Зеланд предизвикувајќи блокирање на сообраќајот ширум земјата и оставајќи илјадници домаќинства без електрична енергија.

Сите регионални летови од главниот град Велингтон се приземјени во четвртокот утрото, а силните ветрови предизвикаа големи штети уривајќи дрвја и кинејќи ги електричните мрежи насекаде низ Нов Зеланд, поради што повеќе од 10.000 домаќинства останаа без снабдување со електрична енергија.

Ветрот кој дувал со брзина до 160 километри на час ја погоди новозеландската престолнина, додека во теснецот Кук, кој ги раздвојува Северниот и Јужниот остров, дувал со брзина од 130 км на час дигајќи 11-метарски бранови, објави тамошната метеоролошка служба.

Некои од главните сообраќајници во земјата се затворени, а во прекин е и железничкиот сообраќај. Главните патни прави кои одат низ средишниот дел од Северниот остров се затворени поради снегот и мразот. На Јужниот остров, пак, снежната бура веќе ослабела, но сé уште сообраќајните услови се многу лоши.

На Северниот остров, пак, се очекува засилување на зимската бура, особено во областа на најголемиот град Окленд, кој ќе биде погоден од силен ветер и обилни врнежи до петокот наутро, соопшти метеоролошката служба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.