Очајничка потрага во мексиканското училиште по разорниот потрес (ВИДЕО)

© REUTERS/Carlos Jasso

Спасувачките служби во средата очајнички трагаат по десетици деца затрупани под урнатините на основно училиште во Мексико, една од стотината згради коишто се уништени или тешко оштетени во еден, според штетите и жртвите, од најразорните земјотреси во последните неколку децении.

Силниот земјотрес се случи во вторникот приквечер погодувајќи го централниот дел од Мекиско, во кој загинаа повеќе од 200 лица и уривајќи десетици згради главно во престолнината Сиудад де Мехико.

Националниот координатор за цивилна заштита ја намали претходно соопштената бројка од 250 мртви на 216 смтрно настрадани. Се уште не е соопштен бројот на повредените.

Намалени се и бројките во извештајот за загинатите ученици во урнатото основно училиште. Претседателот Енрике Пена Нието изјави дека загинале 20 ученици, откако претходно беше објавено дека спасителите од по урнатините извлекле 30 тела на деца и 11 преживеани ученици. Нието додаде дека уште 30 ученици и 12 возрасни лица се водат како исчезнати по уривањето на училишната зграда во населкбата Копа во мексиканската престолнина.

Земјотресот со магнитуда од 7,1 по Рихтер предизвика големи штети и во соседните сојузни мексикански држава. Треперењето на почвата се случи на 32-годишнината од разорниот земјотрес од 20-ти септември 1985 година кога во Сиудад де Мехико загинаа околу 10.000 луѓе и помалку од две седмици по потресот од 9-ти септември со магнитуда од 8,2 степени на југот од Мексико во кој загинаа 98 луѓе.