Руската адвокатка која се сретнала со синот на претседателот на САД подготвена да сведочи пред Конгресот

Наталија Веселницкаја/© AP Photo/Alexander Zemlianichenko

Руската адвокатка Наталија Веселницкаја којашто во јуни минатата 2016 година во Њујорк се сретнала со синот на актуелниот американски претседател Доналд Трамп помладиот откако неговиот татко ја освои номинацијата на Републиканската партија, изјави во средата дека е подготвена да сведочи пред Конгресот и да ја растури, како што се изразила,„масовната хистерија“ околу таа средба.

Најстариот син на американскиот претседател, Доналд Трамп помладиот, кој исто така изрази минатата седмица спремност да сведочи пред сенатските комисии, преку посредници се согласил да се сретне со Наталија Веселницкаја, за којашто му било кажано дека е адвокатка на руската влада и дека можеби има компромитирачки материјали за противкандидатката на неговиот татко на ланските претседателски избори од Демократската партија, Хилари Клинтон.

Веселницкаја претходно изјави дека е приватна адвокатка, дека никогаш не поседувала информации кои може да ѝ наштетат на Хилари Клинтон, како и дека не е поврзана со Кремљ.

„Подготвена сум да ја разјаснам ситуацијата во заднината на таа масовна хистерија, но само преку адвокат или доколку сведочам пред Сенатот“ на САД, изјави Веселницкаја во интервју за меѓународната руска телевизијата RT TV.

Руската адвокатка Наталија Веселницкаја на средбата со синот на американскиот претседател Доналд Трамп помладиот ланската 2016 година му доставила информации во врска со британскиот финансиер Вилијам Броудер. Таа во разговорот со новинарите на американскиот весник The Wall Street Journal, ја опишала средбата со Доналд Трамп помладиот во Њујорк, кога кажала дека дека се обидувала да пренесе информации за британскиот финансиер Вилијам Броудер, кој во Русија претходно е суден за даночни измами и во отсуство е осуден на деветгодишна затворска казна.

Броудер, имено, лобирал во американскиот Конгрес кога во декември 2012 година го донесе ткн „законот Магнитски“, кој предвидува санкции за голем број руски функционери наводно вмешани во случајот на рускиот адвокат Магнитски кој почина во притвор поради дела во кои застапуваше британска компанија осомничена за перење пари и затајување данок во Русија. По тужбата на британскиот финансиер, американските власти подигнаа кривична постапка против холдинг групацијата „Prevezon Holdings“, чиј сопственик е рускиот државјанин Денис Кацив. Во мај предистражната постапка заврши со претсудски договор за кој адвокатите на „Prevezon Holdings“ оценија дека претставува победа.

Веселницкаја во вторникот во разговорот за RT TV додаде дека ќе истапува „исклучиво во правната сфера“. „Денес треба да мислам во прв ред на својата безбедност, за безбедноста на своето семејство, на своите четири деца“ истакна адвокатката.

Според Веселницкаја, споменатиот британски финансиер Вилијам Броудер собирал инфмормации за неа и за нејзиното семејство, а добиените информации биле предавани во американскиот Стејт департмент.

„Господинот Браудер, неговиот тим, собираа информации за моето семејство, а мојата семејна состојба, дали сум мажена или не, дали имам деца или не. Тие ја надгледувале и фотографирала мојата куќа, и тоа му го испратиле на Кајл Паркер, кој е познато лице во Претставничкиот дом, кој многу години работи исклучиво за господинот Браудер, а не за конгресмените и Конгресот. Натаму сето тоа се споделувало со претставник на Стејт департментот“, изјави Веселницкаја.

Руската адвокатка Веселницкја смета дека и сегашниот наводен скандал со Трамп помладиот е инициран од Браудер.

„Сегашната ситуација е лошо режирана приказна на конкретен манипулатор. Господинот Браудер, најголемиот технолог на медиумските манипулации“, додаде Веселницкаја.