Шест лица повредени во напади со киселина во Лондон

Шест лица се повредени во саботата во неколку напади со киселина во областа на трговскиот центар „Вестфилд“ во Страфорд на истокот од британската престолнина Лондон и притоа е уапсен еден осомничен.

Засега инцидентот не се разгледува како терористички напад.

„Полицијата беше повикана околу осум часот вечерта (21 часот по македонско време) во областа на трговскиот центар ‘Вестфилд’ во врска со информациите за група мажи којашто прскала со, веројатно, штетна супстанција. На истото место пристигнаа службеници на брзата помош и на противпожарната служба“, изјавија од Скотланд Јард.

„Неколку луѓе се повредени на различни локации, се верува дека станува збор за шест лица. Ги очекуваме натамошни поединости“, се додава во соопштението на лондонската полиција.

Од лондонската служба за итна медицинска помош соопштија дека лекарите им укажале помош на најмалку пет лица, од кои три се задржани во болница.

Еден маж е уапсен под сомневање дека предизвикал тешки телесни повреди, според полицијата. Местото на инцидентот од саботата ноќта е обезбедено од полицијата и блокирано каде што се води истрага.

Засега не е прецизирано за каква супстанција станува збор. Според извештаите на некои медиуми, напаѓачите користеле киселина.

Слични напади во Лондон се случуваат доста често. Според статистиката на советот на градоначалникот на британската престолнина, во 2016 година биле регистрирани 455 престапи поврзани со употреба на киселина во нападот врз луѓе, а во првиот квартал од 2017 година имало повеќе од 100 слични напади.