Светот жали за смртта на кинескиот нобеловец и го повикува Пекинг да ја ослободи неговата сопруга

Од светот во четвртокот доаѓаат бројни изрази на сочувство по веста за смртта на добитникот на Нобеловата награда за мир и кинески активист Лиу Ксиаобо, со повиците итно да ја пушти на слобода неговата сопруга и да ѝ се дозволи заминување од Кина, пренесуваат агенциите.

„Денеска им се придружувам на оние во Кина и ширум светот ко тагуваат поради трагичното заминување на добитникот на Нобеловата награда за мир, Лиу Ксиаобо, кој почина отслужувајќи ја долгата затворска казна во Кина поради мирното промовирање на демократските реформи“, изјави во соопштението американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.

„Ја повикувам кинеската влада да ја пушти Лиу Ксиу од домашен притвор и да ѝ овозможи да замине од Кина, како што таа сака“, додаде.

Американскиот амбасадор во Пекинг, Тери Варнстад, ги повика кинеските власти да ги ослободат сите „затвореници на совеста“.

Франција, исто така, ја повика кинеската влада да ѝ дозволи на сопругата на Лиу Ксиаобо и на целото семејство слободно движење.

„И покрај долгиот период на заточение и тоа повеќе од триесет години, тој никогаш не престана храбро да ги брани основните права и слободата на говорот“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ледријан во соопштение.

Германскиот надворешен работи Зигмар Габрел изјави дека Кина мора да ја ослободи Лиу Ксиу и нејзиниот брат да ја напуштат земја и да дојдат во Германија или во која и да е друга земја во којашто сакаат.

„Кина сега има одговорност брзо, транспарентно и уверливо да одговори на прашањето дали ракот не можеше да биде откриен многу порано“, истакнува Габриел.

Претходно во средата германската влада го повика Пекинг да го ослободи Лиу Ксиаобо да замине од земјата и изјави подготвеност Германија да го прими.

Според западните агенции, кинескиот нобеловец сакал да замине да се лекува во странство, но кинеската влада тоа не му го овозможила.

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон, исто така, нагласи дека на Лиу требало да му биде овозможено заминување на лекување во странство.

„Требаше да му се овозможи да избере лекување во странство коешто кинеските власти повеќепати му го оневозможија“, изјави Џонсон во писмената изјава.

Комитетот за доделување на Нобеловата награда за мир објави дека кинеската влада носи голема одговорност за смртта на Лиу Ксиаобо.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антониот Гутереш изразил голема тага и сочувство, изјави неговиот портпарол.