Започна гласањето на неизвесните избори во Норвешка

Норвежаните во неделата започнаа со гласањето на парламентарните избори чијшто исход е многу неизвесен, бидејќи анкетите им даваат еднакви шанси на партијата од десниот центар кој ја води премиерката Ерна Солбег и опозицискиот блок на левиот центар.

Конзервативците на премиерката Ерна Солберг ветија дека ќе ги намалат даноците доколку изборат нов четиригодишен мандат, додека блокот на левиот центар кој го предводи лабуристот Јонас Гар Стоере сака да ги зголеми даноците поради подобрување на работата на јавните служби.

Изборниот резултат би можел да се одрази на норвешката нафтена индустрија којашто е движечката сила на оваа земја со висок стандард, бидејќи и Солберг и Гар Стоере ќе мораат да влезат во коалиција со една или две помали партии за да може да состават влада.

Избирачките места беа отворени во 13 часот во неделата, а се затвораат во понеделник во 21 часот по средноевропско време.

Анкетите од првата седмица во септември предвидуваа дека четирпартитниот блок кој го води премиерката Солберг ќе освои 85 места во парламентот со 169 мандати, што би било доволно да обезбеди мнозинство. Гар Стоере според истите анкети, пак, со неговиот лев центар би требало да освои 84 пратенички места.

Без оглед на тоа кој ќе победи, мандатарот го очекуваат тешки преговори, бидејќи ќе мора да ги задоволат непоколебливите барања на помалите партии на коишто ќе мора да сметаат за да ја формираат владата за следните четири години.

Независните Зелени сакаат целосно прекинување на истражувањата на наоѓалишта на нафта, а како аргумент за ова барање ги наведуваат климатските промени и загадувањето на природната средина. Другите помали партии коишто би можеле да бидат вклучени во преговорите за владина коалиција, сакаат да ги ограничат новите истражувања во водите на Арктикот. Експлоатацијата на нафта и гас, инаку, осигурува речиси половината од извозот на Норвешка.

Излезните анкетите и проекциите врз основа на првите преброени гласови се очекуваат во понеделникот во 21 часот. Повеќето од гласачките ливчиња, пак, би требало да бидат преброени во рок од три до четири часа по затворањето на избирачките места. Во случајот изборната трка да биде извонредно тесна, конечниот изборен резултат може да биде објавен дури во вторникот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.