Светлото на плоштад Македонија ќе згасне на еден час

На плоштадот Македонија со запалени свеќи ќе се формира бројот 60+ што ќе означува 60-минутно штедење на енергетските ресурси, а во исто време 150 волонтери ќе се движат со запалени свеќи

Без улично осветлување еден час денеска од 20:30 часот до 21:30 часот ќе останат плоштадот Македонија, скопската тврдина Кале, Камен мост, Ристиќева палата и објектот Пелистер, пишува Вечер.

Исклучувањето на осветлувањето на овие објекти е дел од одбележувањето на светски познатото движење “Час на планетата Земја” кон кое годинава се приклучува Град Скопје и неколку домашни компании. Во овој час поддржувачите на ова движење во целиот свет ќе ги исклучат светилките и ќе испратат порака за намалување на користењето на енергетските ресурси и за намалување на климатските промени.

„Во текот на Часот на планетата Земја” на плоштадот Македонија со запалени свеќи ќе се формира бројот 60+ што означува шеесетминутно штедење на енергетските ресурси и заштита од климатските промени. Во исто време, 150 волонтери и претставници од Црвениот крст, Град Скопје, од невладини организации и ученици ќе се движат со запалени свеќи. Учениците од ЈУУДГС Здравко Цветковски” ќе делат рачно изработени пораки за Часот на планетата Земја”, информираа од Градот.

Ова планетарно движење е поддржано од организацијата WWF (World Wildlife Fund), се спроведува во 154 држави во светот и е поддржано од светските метрополи.

Фотографиите од случувањето во Скопје ќе бидат испратени до WWF организацијата со што Градот Скопје ќе се вклучи во мрежата на светските градови кои ја поддржуваат оваа манифестација како Париз, Лондон, Виена, Сиднеј и многу други кои во рамки на акцијата го гаснат целото осветлување.