Свето Јаневски дава 76.000 евра за влез во белградската пиварата БИП

Пивара БИП

Српската фирма „М-6 Еден“, на македонскиот бизнисмен Светозар Јаневски, дала најповолна понуда за закуп на белградската индустрија за пиво – БИП, и сите нејзини брендови, на вчерашното отворање на понуди, кои биле доставени на јавниот конкурс за деловно техничка соработка со оваа српска компанија, пишува весникот „Вечерње Новости“, пренесува Нетпрес.

Според објавеното, „М-6 Еден“ понудила 76.000 евра месечно закупнина за БИП.

Но, конечната одлука треба да ја донесе одборот на доверители на БИП и тоа најдоцна до четврти април, годинава. Сепак, весникот објавува дека одборот на доверители има право и да не одбере ниту една понуда.

Покрај „М-6 Еден“, понуди за закуп на БИП поднеле и еден српски конзорциум на чие чело е земунската фирма „Инса“, која е познат балкански производител на саати, како и визбата за пијалоци „Певац“. Тие, пишува „Вечерње Новости“, прво понудиле 42.000 евра месечна закупнина, а потоа поднеле подобрена понуда во износ од 60.150 евра. Весникот потсетува дека лани тие понудиле 4.000 евра повеќе од сегашната понуда.

 

Во трката за закуп на БИП повторно се вклучила и и фирмата „Унидорп“, која е белградски дистрибутер на пијалоци. Понудиле 1.000 евра закуп, а во вториот обид – 39.000 евра. Лани, пак, понудиле 65.000 евра.

„Компанијата на македонскиот бизнисмен Светозар Јаневски, прво понудила 50.000 евра, но последната понуда на „М-6 Еден“ достигна 76.000 евра. Лани, пак, тие застанаа на понуда од 60.000 евра. Инаку, Светозар Јаневски одамна се обидува да влезе во БИП. Тој договор за закуп нудел и пред прогласувањето на стечај во БИП“, пишува српскиот весник.

Ова е трет пат да се бара закупец на БИП. Првиот обид бил поништен бидејќи по жалба на малцинските акционери, поништен бил и самиот стечај. Потоа, во следната прилика понудите биле отворени, но се испоставило дека понудувачите не ги исплонуваат условите од јавниот повик. Поради тоа и тој обид бил поништен, а следниот бил распишан во јули, лани.

Според условите, закупецот на БИП обврзан е да вработи најмалку 100 работници, кои во оваа фирма работеле до моментот кога за неа се отворил стечај, а обврска на закупецот е и да ја напаушти компанијата, ако во меѓувреме таа биде продадена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.