ФОТО: Светот се простува од Нелсон Мандела

Десетици светски лидери, кои инаку тешко би застанале еден до друг, се собираат во Јоханесбург, за да го кажат последно збогум на големиот борец за мир и рамноправност Нелсон Мандела.

Меморијалната церемонија ќе се одржи на фудбалскиот стадион во Јоханесбург. Меѓу лидерите, кои ќе му оддадат последна почит на Мандела, се генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун, претседателот на САД – Барак Обама, лидерот на Куба – Раул Кастро и премиерот на Велика Британија – Дејвид Камерон.

Претседателот на Иран, Хасан Рохан, исто така го потврдил своето присуство, што значи дека со Обама можеби ќе се состанат за првпат.

Претседателот на САД Барак Обама и Џорџ Буш пристигнаа со своите сопругите во утринава. Претседателскиот авион слета во воената база крај Јоханесбург по 16-часовниот лет од Вашингтон. Обама ќе одржи 20-минутен говор за време на церемонијата во спомен на Мандела.

Покрај светските лидери и илјадници Јужноафриканци се собираат на стадионот за церемонијата во спомен на Нелсон Мандела.

Околу 80 илјади луѓе се очекува да присуствуваат на церемонијата, што е предвидено да започне во 11 часот и да трае четири часа. Вратите на објектот беа отворени од 6.30 часот, со половина час задоцнување.

Првиот црн претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела почина на 95-годишна возраст на петти декември.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.