Магазин

Светската награда за хуманизам врачена на Џон Ралстон Сол

Светската награда за хуманизам врачена на Џон Ралстон Сол

На свеченост синоќа во Охрид во рамки на празнувањето на Богојавленските празници му беше врачена годинашната Светска награда за хуманизам на Џон Ралстон Сол, едно од водечките имиња на светската литература и есеистика и претседател на Интернационалниот ПЕН, пренесе МИА.

– Најискрено Ви го честитам добивањето на Светската награда за хуманизам и Ви посакувам добро здравје,творечка енергија и добра мисла. Почестени сме од Вашето присуство во Охрид и уверени сме дека во рамките на престојот ќе имате можност да го почуствувате духот на овој свет град.Со посебно задоволство, му порача градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески на лауреатот врачувајќи му ја наградата.

Самата награда е рачно изработена статуетка на патронот на Охрид – Св. Климент Охридски. Притоа Бакрачески изрази уверување дека делот на Свети Климент трајно ќе го потсетува добитникот на наградата на климентовото дело и духот на неговата прва средновековна школа за хуманизам во Европа.

– Заедно со ова меѓународно признание, Ви посакувам од Охрид да  понесете  убави спомени, кои  постојано ќе Ве инспирираат повторо да бидете наш гостин, нагласи Бакрачески.

Беседа за творештвото на Џон Ралстон Сол одржа претседателот на инернационалната жири-комисија на Охридската академија за хуманизам Јордан Плевнеш.

Годинашниот лауреат на Светската награда за хуманизам, канаѓанецот Џон Ралстон Сол, изрази искрена благодарност за високото признание.

– Возбуден сум што престојувам во градот на Св. Климент Охридски, во градот на светскиот хуманизам. Како што реков на инернационалната ПЕН конференција, ќе повторам дека оваа земја се вика Македонија, бидејќи секој народ има неприкосновено право како ќе ја нарекува својата земја, истакна притоа Сол.

Академик Катица Ќулавкова на свеченоста  на која присуствуваа и поранешните добитници на Светската награда за хуманизам Вида Огњеновиќ и Светлин Русев, соопшти дека деновиве на македонски јазик е објавена книгата „Несвесна цивилизација“ од Џон Ралстон Сол.

фото: МИА