Светската премиера на „Крајот на времето“ на Манчевски на фестивал во Аспен

Новиот експериментален краток филм на режисерот Милчо Манчевски „Крајот на времето“ – кубанско-американска копродукција, ќе има светска премиера во официјалната селекција за награди на филмскиот фестивал Аспен Шортфест 2017 во САД, објавија организаторите.
 
Аспен во Колорадо се смета за еден од најреномираните фестивали на краткометражен филм во светот кои се квалификуваат за наградата Оскар. Фестивалот се одржува од 4-ти до 9 април.
 
„Крајот на времето“ е опишан како експериментален филм „за оној хипнотизирачки миг во еден обичен, скромен вторник кога човек сфаќа дека времето запрело и светот е вшмукан во една единствена насмевка“.
 
 – „Крајот на времето“ е филм кој може комотно да се претстави во музеј или галерија наместо во киносала. Во него продолжувам да ја истражувам крстосницата каде што вистината и прикаската се вкрстуваат,  преклопуваат и сукобуваат – овој пат на минималистички начин, истакнува Манчевски.
 
Филмот е снимен во Сан Антонио де Лос Бањос на Куба, а постпродукцијата во Њујорк и Македонија. Директор на фотографија е Ален Лопез Мартинез, монтажер Кристина Поженел, автор на музиката и тонскиот дизајн е Игор Василев Новоградска, визуелните ефекти се на Мишо Ристов и Рекс, а колор грејдингот на Мајкл Двас.