Економија

Светската туристичка организација со поддршка за побрз туристички развој

Светската туристичка организација со поддршка за побрз туристички развој

Министерот за економија Беким Незири оствари билатерална средба со генералниот секретар на Светската туристичка организација Талеб Рифаи,  на која акцентот беше ставен на развој на туризмот со цел поттикнување на натамошниот економски раст на Македонија.

„Бележиме просечно зголемување на бројот на вкупните посетители од 5%, додека само за последната 2013 година имаме зголемување од 5,8%, а бројот на странските туристи е зголемен за 13,8%. И според последниве податоци, бројот на домашните туристи во мај 2014 година, во однос на мај 2013 година, е зголемен за 13,1%, а бројот на странските туристи е зголемен за 13,0%. Она што е особено важно да се потенцира е што минатата година за првпат бројот на туристи ја надминава бројката од 700.000 туристи, која беше и главна цел согласно Стратегијата за развој на туризмот“, истакна Незири.

Според генералниот секретар Рифаи,  Македонија поседува неверојатен капацитет од аспект на туризмот и има уште многу да понуди. Светската туристичка организација е подготвена да даде поддршка за се’ што е неопходно за побрз туристички развој и преку взаемна соработка да се изработи практичен план во насока на целите на оваа земја, односно како тие цели да се достигнат.

„Република Македонија ќе ја има нашата поддршка на сите саемски манифестации, форуми и меѓународни конференции во наредниот период, а следна таква активност е  форумот во Тирана во октомври, каде би сакал да учествува и вашата земја“, истакна Рифаи.

Според Рифаи, Македонија бележи значителен прогрес, особено во инфраструктурата и во туристичките услуги, а во следниве години фокусот на туризмот треба да бидат макродестинациите, со оглед на тенденциите на туристите да менуваат неколку дестинации во текот на едно патување.

Имајќи ги предвид неколкуте атрактивни туристички дестинации, како што се Охрид, Шапка, Старата скопска чаршија, министерот за економија изрази интерес и волја да се направи се’ што е потребно за да се зголеми бројот на туристи и изрази благодарност за поддршката што  Македонија ја има од Светската туристичка организација, чија членка е од 1995 година.