Светски ден на астмата

Стручен симпозиум на тема „Синдром на препокривање на астма и ХОББ” ќе се одржи денесна Медицинскиот факултет во Скопје, а по повод Светскиот ден на астмата.

На Симпозиумот ќе бидат презентирани предавањата на еминентни пулмолози од неколку институции во земјава кои од различни аспекти го разгледуваат синдромот на препокривање на астмата и хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), клинички ентитет кој со оглед на зачестеноста, тешкотиите во дијагностицирањето и постигнувањето контрола во последнава деценија претставува значаен јавно-здравствен проблем кај нас и во светот.

Со одржувањето на Симпозиумот, Македонското респираторно здружение (МРЗ) се вклучува во активностите посветени на Светскиот ден на астмата 2015.

Светскиот ден на астмата ќе биде одбележан и со трка на 500 метри на Кејот на реката Вардар што ја организираат Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија, Пулмолошкото здружение, Педијатриското здружение, Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија и Универзитетската клиника за детски болести.

Ќе учествуваат пациенти со астма и луѓе кои сакаат да помогнат во подигањето на свесноста за оваа болест, а целта е да се покаже дека астмата не треба да биде пречка во уживањето и совладувањето кратки и долги патеки во животот.

Светскиот ден на астмата го организира Глобалната иницијатива за астма од 1998 година за да ја зголеми свесноста на луѓето и нивната грижа за пациентите. Годинашното мото во светски рамки е „Можете да ја контролирате астмата”, додека во Македонија мотото е „Време е да ја ставиме астмата под контрола”.